Два одделни случаи на насилство се пријавени во Скопје, при што полицијата лишила од слобода две лица. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека по целосно документирање на настаните против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Педесет и четиригодишен жител на скопската општина Сарај вчера наутро бил приведен откако, под дејство на алкохол, физички ја нападнал својата 15-годишна ќерка.
Според информациите од МВР, неговиот син успеал да го оттурне таткото и да ја заштити девојката, по што случајот бил пријавен во полиција.
На местото на настанот увид извршила екипа на Секторот за внатрешни работи Скопје, а по целосното документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
25-годишник осомничен за обљуба и закани
Од МВР соопштија дека е приведен и 25-годишен жител на Скопје, кој се сомничи дека извршил физички напад, обљуба и упатувал закани кон 22-годишна жена со која претходно се познавал.
Настанот се случил на 23 февруари во домот на осомничениот на подрачјето на општина Гази Баба, каде што тој, според пријавата, под присила ја задржувал жената која пристигнала од Германија. Тој не ѝ дозволувал да излегува сама и ѝ го одзел мобилниот телефон.
На 4 март, жената успеала да стапи во контакт со својата мајка, која веднаш ја известила полицијата.
Полициските службеници, по пристигнувањето на адресата и направената процена на ризик, вчера во 16:55 часот го лишиле од слобода осомничениот Е.А.
Од МВР информираат дека за случајот е известен јавен обвинител и дека против него ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.
Случај на семејно насилство со оружје
Претходно во текот на денот, полицијата информираше дека службеници од СВР Скопје го привеле и 55-годишниот Б.С. од Скопје, под сомнение за семејно насилство и закани со огнено оружје кон неговата 48-годишна сопруга и трите ќерки, на возраст од 18, 24 и 26 години.
Според МВР, првиот инцидент се случил на 1 март во семејниот дом во населбата Кисела Вода, кога по расправија осомничениот испукал куршум од пиштол, кој завршил во прозорец. Потоа физички ја нападнал својата 24-годишна ќерка и упатувал закани кон неа и нејзината 18-годишна сестра.
Синоќа околу 22:30 часот, тој повторно ѝ се заканувал на сопругата со пиштол, но ќерките успеале да го спречат да го употреби оружјето.
Осомничениот бил приведен ноќеска, 40 минути по полноќ.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека во моментот нема дополнителни детали за случајот и потврди дека во полициска станица биле задржани две лица под сомнение за кривични дела поврзани со семејно насилство.