Насилни протести во Танзанија по „хаотични“ избори

Во Танзанија избувнаа масовни и насилни протести по претседателските и парламентарните избори што се одржаа во вторник, при што демонстрантите, претежно приврзаници на опозицијата, тврдат дека гласањето било „фарса“ и дека измамата се подготвувала со месеци.

Немирите се проширија во неколку големи градови, меѓу кои Аруша, Додома и Дар ес Салам. Стотици луѓе ја преминале границата со Кенија, каде што блокирале патишта, палеле факели и кинеа плакати со ликот на претседателката Самија Сулуху Хасан. Кениската полиција соопшти дека две лица загинале додека бегале од судирите со тантзаниските сили.

Протестантите ја обвинуваат владата дека ја подрива демократијата, бидејќи главниот опозициски лидер Тунду Лису е во затвор по обвиненија за предавство, а друг кандидат на опозицијата бил дисквалификуван, што ѝ ја олесни победата на актуелната претседателка.

Негодувањето дополнително се зголеми кога изборната комисија почна да ги објавува резултатите, според кои Самија освоила речиси 95 проценти од гласовите во југозападната провинција Мбеа и води во повеќето изборни единици, вклучително и на Занзибар.

Пратениците на Европската унија ги оценија изборите како „измама што се подготвувала со месеци“, додека денот на гласањето бил обележан со судири меѓу полицијата и опозиционите приврзаници. Танзаниската армија ги обвини „злонамерните лица“ за уништување на имот и загуби на човечки животи.

Во главниот град Дар ес Салам е воведен полициски час, а болницата Мухимбили примила голем број повредени. Amnesty International потврди дека еден цивил и еден полицаец биле убиени во судирите и предупреди дека прекинот на интернет-конекциите низ земјата може дополнително да ја влоши состојбата.

Сведоци за BBC изјавиле дека слушале истрели и експлозии на солзавец во градот Мванза, каде што демонстрантите се судриле со специјалните полициски сили. Владата им наредила на државните службеници да работат од дома до петок за да се намалат тензиите.

Опозицијата тврди дека властите систематски ги уапсиле или дисквалификувале сите сериозни противкандидати на Самија, која се очекува да го обезбеди својот втор мандат. Нејзината партија, владејачката Чама ча Мапиндузи, доминира на изборите уште од независноста на Танзанија.

Претседателката Самија Сулуху Хасан, која ја презеде функцијата во 2021 година по смртта на Џон Магуфули, првично беше пофалена за олеснување на политичката репресија, но во последниве години нејзината влада е обвинета за таргетирање на критичарите преку апсења, закани и киднапирања.

Во меѓувреме, демонстрантите користат апликации за комуникација преку „walkie-talkie“, како Zello, за координација на следните чекори, додека полицијата се обидува да го поврати редот во земјата погодена од најтешките немири во последната деценија.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни