Турската полиција вчера на 1 Мај, употреби сила против демонстрантите по повод Меѓународниот ден на трудот во Истанбул и уапси стотици лица, откако се обидоа да ја прекршат забраната за јавно собирање и да маршираат кон плоштадот Таксим.
Синдикатите и невладините организации повикаа на протести и маршеви низ Истанбул, кој последните недели е зафатен од бран масовни демонстрации поради притворањето на градоначалникот и главниот политички противник на претседателот Таип Ердоган – Екрем Имамоглу. Во четвртокот демонстрантите се обидоа да маршираат кон плоштадот Таксим во центарот на градот, каде протестите се забранети со години и покрај облачното и дождливо време.
Полицијата ги спречи во централните општини Бешикташ и Сисли, туркајќи ги назад и судрувајќи се со некои кои се обидоа да ги пробијат барикадите. Снимките прикажуваат како специјалната полиција и демонстрантите трчаат едни кон други. Демонстрантите носеа транспаренти и извикуваа слогани додека полицајците со сила ги ставаа во автобуси.
Министерот за внатрешни работи, Али Јерликаја, изјави дека вкупно биле уапсени 409 лица, од кои 407 во Истанбул. Наведе дека во протестите, кои се одржаа во 78 провинции, учествувале вкупно 286.584 луѓе.
Собирите по повод Меѓународниот ден на трудот се одржуваат секоја година во Турција, но полицијата често интервенира последните неколку години.
Минатата година полицијата уапси повеќе од 200 лица кои се обидоа да стигнат до плоштадот Таксим. Во 1977 година, на демонстрации на истиот плоштад беа убиени 34 лица.
Озгур Озел, претседател на главната опозициска Републиканска народна партија (CHP), чиј член е и Имамоглу, изјави дека забраната за демонстрации и маршеви на плоштадот Таксим покажува „несигурност и недостаток на самодоверба на владејачката партија“.
„Затворањето на плоштадот со илјадници полицајци покажува дека оние кои ја водат оваа земја немаат вистинска власт и дека ја претвориле државата во полициска“, изјави Озел за новинарите.
Во Анкара, Ердоган ги прими претставниците на синдикатите и различни професионални здруженија по повод Први мај. Тој изјави дека неговата влада со години укинала некои ограничувања за работниците и спровела повеќе законски измени за подобрување на работните услови.