Нашиот молк нема да трае долго – порачаа родителите на трагично загинатите во Кочани

Под мотото „Системот убива – институциите молчат“, семејствата на трагично загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“ повторно излегоа на улиците на Кочани, по седми пат. Во молк и достоинство, со фотографии од нивните најблиски, ја поминаа рутата од Паркот на револуцијата до Општината, Полициската станица, Основниот суд и Обвинителството – институции чие молчење го чувствуваат како втор удар врз нивната болка.

„Нашиот молк е гласот на оние што трагично заминаа во огнот. Молк што зборува повеќе од илјада зборови, ама нема да трае вечно како вашето судење“ – порачаа родителите.

Сè уште без одговорност, но со истрајност и храброст

Од првиот марш, само неколку дена по трагедијата на 16 март, кога загинаа 62 млади лица, граѓаните и семејствата инсистираат на вистина, правда и институционална реакција. И покрај ветувањата за темелна истрага, одговорност и регулаторни измени, два месеца подоцна – конкретни резултати нема. Објектот работел без дозвола, без контроли, без функционирачка противпожарна опрема – но ниту една институција сè уште не презела одговорност.

Во меѓувреме, едно лице почина за време на лекување во Литванија, а многу преживеани се лекуваат во импровизирани услови, зависни од поддршката на волонтерите.

Граѓаните не замолкнуваат – институциите молчат

И покрај тоа што родителите сè уште не се повикани од Обвинителството, тие се подготвени на целосна соработка и доставување докази. Повторуваат дека нема да дозволат оваа трагедија да биде заборавена и ќе продолжат со маршевите сè додека не се постигне правда.

Во исто време, гневот во Кочани расте. Народот е длабоко разочаран и исплашен – поминаа два месеца, а нема конкретни виновници. Од искрените сведоштва, како тоа на преживеаниот Лазе, се чувствува очај и неверување дека ова е нивната држава. Многумина го гледаат единствениот излез надвор од неа.

„Со овој однос, државата ги брка младите од нивните домови. Трагедијата во Кочани е рана што не зараснува“, велат локалните жители.

Поддршка што доаѓа од народот – не од институциите

Иако Владата тврди дека обезбедила целосна логистичка и медицинска поддршка, реалноста на теренот ја раскажуваат волонтерите од „Сапорт Кочани“. Тие ги носат болните до лекар, обезбедуваат помош, донации и опрема.

Во најновиот апел, организацијата бара средства за компресирачки одела кои ќе помогнат во заздравувањето на повредените – оделата чинат од 120 до 1.200 евра по парче, а на некои пациенти им се потребни и до четири, кои мораат да се менуваат во текот на следните две години.

„Сапорт Кочани“ информираше дека се на пат да добијат еднократна донација за првите одела, но институционална поддршка за долгорочна помош – сè уште нема.

🩸 ДОНИРАЈ ЗА НАШИТЕ СОГРАЃАНИ
🌐 www.supportkocani.com

Досега собрани: 500.000 евра

До крајот на април, преку разни извори, донации и активности, се собрани над половина милион евра – сведоштво за солидарноста и човечноста на граѓаните. Но, овие средства не се доволни за целосно закрепнување на сите повредени, за нивното психофизичко заздравување како и за решавање на социјалните и економски предизвици со кои се соочуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни