Борци се смеат додека возат камион покрај девет безживотни тела. „Погледнете го ова. Погледнете го овој геноцид“, вика еден од нив, насмеан пред камерата, додека ја врти кон себе и саборците со ознаки на Силите за брза поддршка (RSF).
„Сите ќе умрат вака“ – со овие зборови припадници на паравоените сили го слават масакрот во суданскиот град Ел-Фашер, каде, според хуманитарни организации, минатиот месец биле убиени повеќе од 2.000 лица.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во понеделник објави дека истражува дали овие сили извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото, пишува BBC.
Град под опсада и блокада
Ел-Фашер беше клучна цел на паравоените сили RSF и последното упориште на суданската армија во Дарфур.
RSF и војската водат разорна војна од 2023 година, откако се распадна нивната владејачка коалиција.
Се проценува дека во изминатите две години биле убиени над 150.000 луѓе, а двете страни се обвинети за бројни воени злосторства.
Градот бил под опсада речиси две години, а од август RSF започнал да ја зацврстува блокадата, спречувајќи хуманитарна помош да влезе во градот.
Сателитски снимки покажуваат дека биле изградени масивни песочни насипи околу Ел-Фашер, со што пристапните патишта биле целосно затворени до почетокот на октомври.
Напади врз цивили и блокада на храна
Според ОН, 78 лица биле убиени во напад на џамија на 19 септември, а уште 53 загинале во напади со дронови и артилерија врз камп за раселени лица.
Видео-снимки анализирани од BBC Verify покажуваат дека RSF спречувал доставување храна во градот.
На едно видео, маж со врзани раце и нозе е обесен на дрво, додека напаѓачот го обвинува дека се обидел да прошверцува залихи во градот.
Масовни погубувања и сведоштва на очевидци
До 26 октомври RSF ја презел контролата врз градот.
Видео-снимки прикажуваат борци како се смеат додека минуваат покрај тела на цивили во универзитетска зграда, каде десетици луѓе биле егзекутирани.
Сателитски снимки потврдуваат траги од тела и крв на улиците.
Еден очевидец за BBC изјавил дека „масакрот ги погодил неговите роднини – сите биле собрани на едно место и убиени“.
Бруталноста на командантот Абу Лулу
Клучна фигура во насилството е командантот на RSF, познат како Абу Лулу. Видео-снимки го прикажуваат како погубува ненаоружани заробеници, меѓу кои и деца. На едно видео вели: „Никогаш нема да имам милост. Нашата работа е само убивање“, пред да отвори оган врз човек кој го молел за живот.
Прикривање на трагите
По масакрот, лидерот на RSF, генералот Мохамед Хамдан Дагало, признал дека неговите трупи извршиле „прекршувања“ и најавил истрага.
Неколку дена подоцна, Абу Лулу бил уапсен, откако BBC го објави извештајот за неговите злосторства.
Меѓутоа, според аналитичарите од Yale Humanitarian Research Lab, RSF истовремено ги отстранувал доказите за масовните убиства, преместувајќи тела и прикривајќи гробници во близина на детската болница во Ел-Фашер.
Во обид да ја поправи својата слика, RSF на социјалните мрежи објавува видеа во кои борците делат помош на цивили или хумано постапуваат со заробеници, но снимките од масакрот во Ел-Фашер предизвикаа глобално згрозување и осуда.