Населба во која киријата не се покачила 500 години

Доколку сакате да го посетите Фугерај, ќе треба да платите билет кој чини неколку пати повеќе од изнајмување стан за цела година…

Секој кој барал стан во Берлин, Даблин, Париз, но и во Скопје знае какви се цените за изнајмување. Сепак, има и други примери.

Иако звучат како нешто од рубриката „верувале или не“, тие доаѓаат од реалниот живот. Поточно, од идиличната германска населба Фугерај, каде што цената за изнајмување стан не е променета од 16 век и изнесува 88 центи годишно.

Населбата од соништата се наоѓа во баварскиот град Аугсбург. Тој е и еден од најстарите градови во Германија, за што сведочи и неговото име: имено, основан е по наредба на римскиот император Август како воен логор. Дури и тогаш овде живееле околу 10.000 луѓе, а потоа станува еден од најголемите градови на Светото Римско Царство.

 Бил центар на трговијата, индустријата и производството на ткаенини, уметничка оаза на бројни сликари и музичари, родно место на посебен рококо стил наречен „стил на Аугсбург“, неговите водоводи се вклучени во списокот на светско наследство на УНЕСКО во Европа.

Сепак, иако просперитетен, градот има свој дел од сиромашни граѓани. За нив се грижела влијателната и моќна банкарска фамилија Фугер, која во 16 век инвестирала пари во изградба на специјална населба Фугерај за не толку богатите. Меѓу нив имало вдовици, бездомници и осиромашени занаетчии, но не и питачи.

За да станат жители на Фугерај, тие морале да исполнат неколку услови: да поминат најмалку две години во Аугсбург, да бидат од католичка вероисповед и да имаат доказ за чисто досие. Интересно е што еден од мештаните бил прадедо на познатиот Моцарт, во чија чест денеска е поставена спомен плоча.

Жителите на населбата би плаќале на фондацијата годишна кирија од само 88 центи, а освен тоа, од нив се барало да се молат три пати дневно за членовите на семејството Фугер и да вршат општокорисна работа со скратено работно време. Големо значење се придавало на духот на заедништво и солидарност, кој се чувствува и денес. Жителите си прават услуги, си помагаат и се дружат.

Така Фугерај стана најстарата социјална населба во светот. Но, за оние кои би можеле да злоупотребат нечија добра волја, треба да се забележи: основниот принцип на помагање на жителите е да им се помогне на луѓето сами да си помогнат. Така, кога ќе застанат на нозе и ќе можат да се иселат, им отстапуваат место на другите на кои им е потребно.

Денес има околу седумдесет куќи, или околу 150 станови. Површината на становите е околу 60 метри квадратни, а оние од приземјето имаат и двор. Овој град во град е опкружен со ѕидини уште од средниот век и има пет порти кои и денес се затворени секоја вечер. За посетителите има уреден музеј и продавница на сувенири.

Ако сакате да го посетите Фугерај, ќе треба да платите билет чија цена е осум пати повисока од изнајмувањето стан за цела година – па ќе треба да издвоите околу 8 евра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни