Оваа црна дупка била откриена благодарение на настан познат како плимски пореметувачки настан (TDE — Tidal Disruption Event), во кој една ѕвезда била распарчена и проголтана, оставајќи зад себе спектакуларен блесок. Овие настани им овозможуваат на научниците да ја проучуваат физиката на црните дупки, бидејќи создаваат силно зрачење кое телескопите можат да го регистрираат.
Лутачка црна дупка: AT2024tvd
Најновиот забележан TDE, наречен AT2024tvd, овозможи прецизна локација на една супермасивна црна дупка која не се наоѓа во центарот на својата галаксија — што е мошне невообичаено. Податоците се добиени со Хабловиот вселенски телескоп, Чандра рендгенска опсерваторија и Very Large Array радиотелескопите.
Црната дупка има маса милион пати поголема од Сонцето, но за разлика од останатите слични објекти, не се наоѓа во јадрото на својата галаксија. Всушност, на растојание од околу 2.600 светлосни години од центарот, ова е прв ваков TDE настан снимен надвор од галактичко јадро.

Необичен пар црни дупки
Во центарот на истата галаксија се наоѓа друга, многу поголема црна дупка, со маса од 100 милиони Сонца, која активно исфрла гасови и се класифицира како активно галактичко јадро. Двете црни дупки не се во меѓусебна орбита, но можно е во далечна иднина помалата да се доближи и да се спои со поголемата.
Смртта на една ѕвезда
Плимскиот настан настанува кога гравитацијата на црната дупка ја „растегнува“ ѕвездата во долги нишки, налик на „шпагети“. Остатоците од ѕвездата формираат акреционен диск околу дупката, создавајќи силни удари и екстремни температури што зрачат во видливиот и ултравиолетовиот спектар.
„AT2024tvd е првиот ваков настан откриен надвор од центар на галаксија што е забележан со оптички телескопи и би можел да ни открие цела популација на овие таинствени, лутачки црни дупки,“ изјави Јуан Јао, водечки автор на студијата од Универзитетот во Беркли.
Како црната дупка стигнала надвор од центарот?
Научниците имаат две можни објаснувања:
- Гравитациска интеракција меѓу три црни дупки, при што најслабата е „изфрлена“ од центарот.
- Остаток од помала галаксија што се споила со поголемата пред повеќе од милијарда години.
Иако нема директни докази за судир на галаксии, присуството на втора црна дупка сугерира вакво сценарио. Црната дупка сега е „тивка“, но би можела повторно да се активира дури по десетици илјади години.
Телескопите: Клуч за разбирање на вселената
Ова откритие не би било можно без заедничкото делување на телескопите Хабл, Чандра, како и други опсерватории што го следат северното небо, како Zwicky Transient Facility. Во иднина, нови мисии како Nancy Grace Roman Space Telescope и Vera C. Rubin Observatory ќе дадат уште повеќе податоци за вакви краткотрајни феномени и ќе помогнат во откривање на скриените длабочини на вселената.