Ова откритие е спротивно на претходните сознанија дека јадрото на Црвената планета е целосно течно и отвора нови прашања околу неговиот состав, објави ScienceAlert.
„Необично е што Марс има цврсто јадро“, изјавил тимот предводен од сеизмологот Хуиксинг Би од Универзитетот за наука и технологија во Кина. „Претходните истражувања укажуваа дека јадрото содржи голема количина лесни елементи, што ја намалува точката на топење и го прави малку веројатно кристализирањето на јадрото на овие температури.“
Лендерот InSight, кој работеше од 2018 до 2022 година, со своите чувствителни инструменти забележуваше бранови од марсовски земјотреси и удари на метеорити. Тие податоци овозможија прва детална „акустична снимка“ на внатрешноста на планетата – цврста кора, растопен плашт и густа централна маса.
Иако слична на Земјата, внатрешноста на Марс има клучни разлики. За разлика од нашата планета, Марс денес нема глобално магнетно поле, иако делови од неговата кора се силно магнетизирани – доказ дека во минатото имал активен „динамо“ механизам.
Истражувачите користеле податоци од 23 поголеми удари на метеорити за да ги анализираат сеизмичките бранови. Тие регистрирале неколку типови бранови кои независно упатувале на ист заклучок: Марс има цврсто внатрешно јадро.
Како е можно тоа јадро да постои и покрај високите температури и присуството на елементи како сулфур, кислород и јаглерод – засега останува мистерија. Новите наоди ќе бараат дополнителни моделирања на условите на притисок и состав.
Научниците истакнуваат дека ова откритие може да донесе нови сознанија за тоа како Марс го изгубил своето магнетно поле и какви процеси влијаеле на еволуцијата на карпестите планети – токму оние за кои се смета дека имаат најголем потенцијал за развој на живот.
Целосното истражување е објавено во списанието Nature.
Извор: Index.hr