НАСА откри докази дека на Марс можеби некогаш постоел живот

Роверот Curiosity на НАСА направи значајно откритие на Марс, откривајќи карбонати богати со железо во кратерот Гејл, кои нудат нови траги за древната клима на Црвената планета и нејзиниот потенцијал да поддржи живот.

Откритието се случило додека роверот се искачувал по падините на планината Шарп – впечатлив врв во рамките на кратерот Гејл. Таму се пронајдени големи наслаги на јаглерод заробен во карбонатни минерали – нешто што би можело да биде клучен дел од сложувалката за разбирање на можниот древен живот на Марс.

Карбонатите како сведоци на минатото

Карбонатните минерали се создаваат кога јаглерод диоксид реагира со вода и карпа, што ги прави важни показатели за минатите услови на планетата. Иако овие минерали и претходно биле забележани – и преку роверите, и од орбитата, па дури и во метеорити кои паднале на Земјата – последните податоци од Curiosity нудат нови, возбудливи детали.

„Ова ни кажува дека планетата била погодна за живот и дека моделите за нејзината населивост се точни“, изјави Бен Тутоло, водечки автор на студијата и доцент на Универзитетот Калгари.

Клучен минерал: сидерит

Меѓу најзначајните минерали што ги пронајде Curiosity е сидеритот – карбонат богат со железо – кој се појавува во неочекувано големи количини (од 5 до 10% по маса), заедно со соли што лесно се раствораат во вода.

Според Тутоло, ова укажува дека Марс можеби бил населив сè до моментот кога јаглерод диоксидот, кој ја затоплувал планетата, започнал да се врзува во облик на сидерит, што можело да ја намали способноста на планетата да остане топла.

Доказ за јаглеродов циклус

Откритието вклучува и железни оксихидроксиди, кои можеби се доказ за тоа дека Марс некогаш имал функционален јаглеродов циклус, сличен на оној на Земјата – процес во кој јаглерод диоксидот заробен во карпите повторно се ослободувал во атмосферата.

Потенцијален климатски пресврт на планетарно ниво

Научниците веруваат дека вакви карбонатни слоеви можеби постојат и на други локации на Марс, и дека тие заедно можеле да „заробат“ до 36 милибара јаглерод диоксид од атмосферата – доволно за значително да влијаат на климата на планетата.

Ова откритие го отвора прашањето: дали Марс некогаш бил доволно топол и влажeн за да поддржи живот? Научниците веруваат дека сега сме поблиску до одговорот од кога било досега.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни