НАСА го подготвува лансирањето на новиот вселенски телескоп „Сферекс“

Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација – НАСА се подготвува да го лансира своjoт нов астрономски „крик на технологијата“ – вселенскиот телескоп „Сферекс“ (SPHEREx).

Цел назив на сателитот е: „Спектро-фотометар за историјата на универзумот, ерата на рејонизација и истражувач на мразот“ (Spectro-Photometer for the History of the Universe, Epoch of Reionization and Ices Explorer). Ако сѐ оди според планот, телескопот ќе биде лансиран на 27 февруари. Тоа е инструмент за набљудување, наменет „за да редефинира човековото истражување“ на Вселената – во својата двегодишна мисија. За разлика од својот претходник – вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ што се сосредоточуваше на набљудување специфични небесни т.е. вселенски појави, „Сферекс“ ќе треба да создаде мапа на целото небо, според Џејми Бок – главен истражувач за проектот „Сферекс“ во Лабораторијата за млазен погон на НАСА и Технолошкиот институт „Калтек“ во Калифорнија.

„Ние сме првата мисија што го гледа целото небо во толку многу бои. Секогаш кога астрономите ќе го погледнат небото на нов начин, може да очекуваме откритија!“, изјави Бок.

Инаку, предвидено е „Сферекс“ да биде лансиран со ракета „Фалкон 9“ (Falcon 9) на „Спејс-Икс“ (SpaceX) и штом ќе биде оперативен, ќе фотографира со повеќе од 100 различни бои. Ова, се наведува, ќе резултира со „најживописната космичка карта досега и ќе понуди претходно невидени слики“ од својата мисија.

Овој телескоп ветува искористување на собраните податоци за унапредување на постоечките теории за создавањето на галаксиите, темната материја и условите на раниот универзум.

Историски гледано, астрономските набљудувања досега беа насочени кон специфични небесни појави и феномени. Амбициозната цел на „Сферекс“ е „да го мапира“ целото небо, што би било своевидна астрономска револуција.

Мисијата ќе работи и содејствува со уште еден иновативен проект на НАСА: „ПУНЧ“ (скратено за „Полариметар за обединување на круната и хелиосферата“ – Polarimeter to Unify the Corona and Heliosphere или „PUNCH“). Овој вселенски уред е наменет за проучување на Сонцето, пред сѐ.

„Сферекс“, според најавите, ќе собира огромни количини податоци, а научниците очекуваат увид за којшто претходно се мислеше дека е недостижен. Можно е откривање нови небесни тела, како и општо проширување на нашето знаење за Земјата и универзумот во секој поглед.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни