По големите најави, НАСА објави низа нови, досега најблиски снимки од меѓуѕвездената комета 3I/ATLAS.
Низ целиот Сончев систем — од соларни опсерватории до летала на пат кон астероидниот пояс — бројни мисии на НАСА успеаја да го снимат овој космички посетител додека минува низ нашето небесно „соседство“, пренесува ScienceAlert.
Поглед од Марс
Најблиските набљудувања пристигнаа токму од Марс, кој се најде на космички мала оддалеченост од кометата. Mars Reconnaissance Orbiter (MRO), орбитер кој го истражува Марс, го фотографираше 3I/ATLAS од само 30 милиони километри на 2 октомври оваа година.
„Кога кометата 3I/ATLAS ја достигна најблиската точка до Сонцето, Земјата беше на погрешната страна за да можеме добро да ја набљудуваме,“ објасни планетарниот научник на НАСА Том Статлер.
„Но Марс беше на вистинската страна, и нашите инструменти таму успеаја да го снимат кометот. Исто така и други наши летала се најдоа во поволни позиции. Затоа научната заедница е навистина возбудена.“
Флота вселенски набљудувачи
Кометата го привлекува вниманието од 1 јули 2025 година, кога првпат ја детектира телескопот ATLAS. Нејзините необични својства ја издвојуваат од сите досега видени комети, но при преминот низ перихел на 29 октомври се најде на спротивната страна од Сонцето гледано од Земјата.
Сепак, бројни мисии успеаја да издвојат време од своите главни задачи и да ја снимат. Посебно вредни се снимките од Марс, бидејќи, како што забележува Ники Фокс од НАСА, „кометата се најде точно внатре во орбитата на Марс“.
Покрај MRO, орбитерот MAVEN ја набљудуваше кометата во ултравиолетово, анализирајќи водород во нејзината атмосфера и опашка. Роверот Perseverance имаше идеална позиција за набљудување од површината на Марс. Слики стигнаа и од соларните опсерватории PUNCH, STEREO и SOHO, како и од мисиите LUCY и Psyche кои се движат кон астероидниот пояс.
Дефинитивно комета, а не вселенски брод
Иако снимките се релативно нејасни, тие носат важни податоци за природата на овој невообичаен објект. Научниците повторно демантираа шпекулации за вонземско потекло.
„Овој објект е комета. Изгледа и се однесува како комета и сите докази тоа го потврдуваат. Но доаѓа од меѓуѕвезден простор, што го прави научно извонредно интересен,“ рече Амит Кшатрија од НАСА.
Кометарната природа ја потврди и фотографијата направена на 16 ноември од астрофотографот Сатору Мурата од Ново Мексико, на која јасно се гледаат долгите опашки и зеленкава кома — типична за природен комет.
Што следува?
Приказната со 3I/ATLAS не завршува тука. Најблискиот приод кон Земјата ќе се случи на 19 декември. Иако ќе остане прилично оддалечен, тоа ќе биде најдобрата можност за набљудување со телескопи и камери од Земјата.
