Мисијата до Месечината повторно одложена – НАСА се соочува со технички проблеми

Лансирањето на „Артемис II“, првата мисија со екипаж околу Месечината по повеќе од 50 години, е одложено поради проблем со снабдувањето со хелиум.

НАСА го одложи лансирањето на мисијата „Артемис II“, првата лунарна мисија со екипаж по 1972 година, поради технички проблеми со ракетниот систем.

Администраторот на НАСА, Џаред Ајзакмен, соопшти дека е потребно да се реши проблем поврзан со снабдувањето со хелиум во еден од ракетните сегменти. Поради тоа, ракетата и капсулата „Орион“ ќе мора да бидат повлечени од лансирната рампа во вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида и вратени во хангар.

Првично, мисијата беше планирана за почетокот на февруари, но беше одложена поради истекување на водород за време на тестирањето. Подоцна, лансирањето беше поместено за март, но и тој рок сега отпадна.

Прва човечка мисија до Месечината по 50 години

„Артемис II“ треба да испрати четворица астронаути (тројца Американци и еден Канаѓанец) на околу десетдневна мисија околу Месечината. Тоа ќе биде првото човечко патување во близина на Месечината по повеќе од пет децении.

Последните американски астронаути стапнаа на Месечината во 1972 година, во рамки на програмата „Аполо“.

И покрај одложувањето, од НАСА наведуваат дека неодамнешната целосна проба на лансирањето без полетување покажала „значителен напредок“. Нови датуми за лансирање се очекуваат подоцна оваа година, меѓу кои се споменува и почетокот на април.

Мисијата „Артемис II“ претставува клучен чекор во стратегијата на НАСА за враќање на луѓето на Месечината и поставување темели за идни мисии кон Марс.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни