По половина век, луѓето повторно патуваат околу Месечината: НАСА ја подготвува мисијата „Артемис II“

Мисијата „Артемис II“ ќе ја испрати првата човечка посада околу Месечината по половина век. НАСА подготвува десетдневно историско патување во длабоката вселена.

НАСА планира на 6 март да ја лансира мисијата „Артемис II“, првата човечка мисија што по повеќе од 50 години ќе тргне на патување околу Месечината. Станува збор и за најдалечното патување на луѓе во вселената досега. Четворица астронаути ќе полетаат на десетдневна мисија околу далечната страна на Месечината и назад, отворајќи го патот за идни слетувања на нејзината површина, пренесува Би-Би-Си.

Успешна генерална проба пред лансирањето

Датумот за полетување е утврден по успешно спроведената „мокра генерална проба“ – клучен тест во кој ракетата се полни со гориво и се симулира целосното одбројување пред лансирање. Ова беше втора ваква проба на тимот „Артемис“ во Вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида.

Првиот обид, одржан на почетокот на февруари, беше прекинат поради истекување на водородно гориво на лансирната рампа. Од НАСА потврдија дека техничките проблеми, вклучувајќи дефекти со заптивки и филтри, се надминати.

„Успеавме целосно да ја наполниме ракетата SLS со гориво и успешно ја спроведовме симулацијата на одбројувањето“, изјавија од агенцијата.

Посадата и леталото

Екипажот на „Артемис II“ го сочинуваат тројца американски астронаути – Рид Вајсмен, Виктор Гловер и Кристина Кох – како и Канаѓанецот Џереми Хансен. Мисијата ќе започне со полетување на моќната ракета Space Launch System (SLS), висока 98 метри, која досега леташе само еднаш – во 2022 година, но без човечка посада.

Астронаутите ќе бидат сместени во капсулата „Орион“ на врвот на ракетата, каде што ќе живеат, работат и спијат во текот на десетдневната мисија.

План на десетдневното патување

Првиот ден ќе биде поминат во орбитата на Земјата, по што леталото ќе тргне кон Месечината. Патувањето ќе трае околу четири дена, а капсулата ќе ја обиколи и далечната страна на Месечината – делот што никогаш не се гледа од Земјата.

Леталото ќе се движи на висина од 6.500 до 9.500 километри над површината, при што астронаутите ќе спроведат научни набљудувања и фотографирање. По прелетот ќе започне четиридневното враќање кон Земјата, а мисијата ќе заврши со слетување во Тихиот Океан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни