„Сите климатски науки и другите приоритети од минатата администрација ќе ги оставиме настрана. Сета наука што ќе ја правиме ќе биде насочена кон истражувањето – тоа е целта на НАСА,“ изјави Дафи во интервју за Fox Business.
Оваа најава се совпаѓа со предлог-буџетот на претседателот Доналд Трамп, кој предвидува намалување од 47% на средствата за науката во НАСА, со повеќе од половина кратења во програмата за Земјини науки. Со тоа се загрозени околу 40 активни и планирани мисии за следење на климата, меѓу кои и истражувања за нивото на морињата, јаглеродниот циклус и атмосферските процеси.
Дафи потсети на инспиративното наследство на Аполо мисиите и ја поврза иднината на НАСА со Артемис програмата, чија цел е враќање на астронаутите на Месечината и подготовка за мисија кон Марс. Тој додаде дека иако други федерални агенции можат да ја преземат улогата на климатско истражување, само НАСА е способна да поддржи човечки вселенски летови.
Сепак, загриженоста кај научниците и вработените расте. Според извештаи, дел од персоналот веќе добил известувања дека нивните работни места се „во ризик“ поради можни откажувања на мисиите, доколку Конгресот ги усвои предложените кратења.
Конечната одлука ќе ја донесе Конгресот при усвојување на буџетот за фискалната 2026 година, кој стапува во сила од октомври.
Извор: Space