Претставата „Народен пратеник“ на Македонскиот народен театар продолжува со својата успешна регионална турнеја. На 24 октомври, во рамки на главната натпреварувачка програма на 45. издание на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Врање, Србија, публиката ќе има можност да ја проследи оваа позната сатирична драма на Бранислав Нушиќ.

Ова дело потсетува дека смеењето е најсилното оружје против глупоста и корупцијата. Преку ироничен и остар хумор, Нушиќ ги разобличува човечката суета, лицемерието и алчноста, создавајќи времеплов на политичката моќ и моралната слабост на „малиот човек“. Критичарите ја истакнуваат неговата актуелност – темите за амбицијата, поткупот и честoљубието остануваат подеднакво релевантни и денес.

Претставата е во режија на Егон Савин, еден од водечките театарски режисери на Балканот. Во неа играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот составен од Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.

Селекторот на годинашното фестивалско издание, д-р Мирослав Радоњиќ, вклучи седум претстави од водечки театри од регионот. Покрај Македонскиот народен театар, во натпреварувачката програма учествуваат:
Театар „Бора Станковиќ“ (Врање), Битеф театар (Белград), Народно позориште (Белград), Народно позориште на Република Српска (Бања Лука), Градско позориште „Семберија“ (Бијељина) и Звездара театар (Белград).

Фестивалот „Борини позоришни дани“, што се одржува од 21 до 28 октомври, веќе четири и пол децении претставува значаен културен репер во регионот, промовирајќи квалитетна театарска уметност и дијалог меѓу различни културни и естетски пристапи.

Со учеството на овој престижен фестивал, Македонскиот народен театар уште еднаш ја потврдува својата стратегиска ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред меѓународната публика.
