„Народен пратеник“ ќе ја претставува државата на 70. „Стериино позорје“ во Нови Сад

Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар на 1 и 2 јуни ќе учествува на 70. „Стериино позорје“ во Нови Сад.

„Почнувајќи од првата комедија на Бранислав Нушиќ, политички субверзивно дело од млад сатиричар, бунтовно насочено кон системот изграден врз лаги, корупција и манипулации, авторите на претставата суптилно покажуваат дека состојбата на тој наш систем воопшто не се подобрила, односно дека ваквите механизми на владеење се сè уште основа на општествените текови, главно, во неуспешните балкански држави. Режисерот Егон Савин гради компактна, возбудлива и прецизна претстава, не одлучувајќи да оди по патот на подрастична модернизација на текстот, туку ненаметливо посочувајќи ја безвременската траги(коми)чна вистина на откритијата на Нушиќ за длабоката политичка гнилост“, соопштија од МНТ.

Сепак, како што посочуваат, во претставата постојат разлики во значењето во споредба со оригиналниот текст и тие се отсликуваат на драматуршкиот план.

„Сценската игра, која трае само еден час и петнаесет минути, е згусната и динамична; големиот број ликови се изведени од сценскиот текст, од сопругата на Јеврем, Павка, преку Сима, Ивковиќ, неговата тетка, Секулиќ и други, а со тоа се исклучени и излишните линии на нарацијата.
Расплетот е, исто така, значително променет, не е толку ведар како кај Нушиќ, туку е позаострен, помрачен и со тоа е поблиску до духот на нашето време“, потенцираат во нивното соопштение.

Од МНТ додаваат дека на режисерски план, најважна е работата со актерите, секој лик е прецизно оформен, што се издвојува како најголема вредност на претставата, покрај сликовито длабоките заплети на Нушиќ, од кои произлегуваат убиствени вистини за чудниот систем на вредности и неуништливата валканост и превртливост на политичарите.

Овогодишното 70. „Стериино позорје“ се одржува од 26 мај до 3 јуни 2025 година, под мотото „Создавање историја/менување на иднината“. Освен МНТ, во натпреварувачката програма учествуваат и Загребачко казалиште младих, Црногорско народно позориште, Атеље 212, Југословенско драмско позориште, Српско народно позориште, Нови Сад и други. Последното учество на МНТ беше пред 22 години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни