Обвинувања за државен тероризам
Министерот Сикорски во полскиот парламент нагласи дека ситуацијата е исклучително сериозна. „Ова не беше чин на саботажа како претходните, туку државен тероризам, бидејќи целта јасно беше да предизвика човечки жртви“, рече тој во средата во Варшава.
Тој додаде дека „странска држава испратила добро подготвени саботери кои само по чиста случајност не ја постигнале целта“ и директно ја обвини руската воена разузнавачка служба ГРУ дека регрутирала лица за „валкана работа“. Пред новинарите најави и дека наскоро ќе биде затворен рускиот конзулат во Гдањск – последната преостаната руска конзуларна канцеларија во Полска.
Туск: Најсериозен инцидент од почетокот на војната во Украина
Полскиот премиер Доналд Туск веќе претходниот ден го нарече инцидентот „веројатно најтешкиот удар врз безбедноста на државата од избувнувањето на војната во Украина“. Тој истакна дека со ова „е премината одредена граница“.
Од полноќ, на сите железнички линии во Полска важи вториот највисок степен на тревога – Чарли. Тоа подразбира 24-часовно обезбедување на клучните објекти и вооружување на стражата со боево муниција. Мерките ќе останат на сила до крајот на февруари.
Полските служби за безбедност за само 70 часа ги идентификуваа осомничените за два акта на саботажа. Во неделата наутро, машиновозач на линијата Варшава–Лублин кај местото Мика забележал сериозно оштетување на шините и го алармирал управувачкиот центар. Наскоро бил откриен и втор оштетен дел кај Пулави, на истата стратешка рута кон Украина.
Двајца Украинци во служба на Русија
Осомничени се двајца украински државјани кои подолг период соработувале со руските разузнавачки служби. Иденитетот им е познат: едниот бил осуден за саботажа во Лавов во мај, а вториот е од регионот Донбас. Во Полска влегле заедно во есента преку Белорусија, а по нападите се вратиле назад преку преминот Тереспол, изјави Туск.
Според весникот Rzeczpospolita, истражителите на местото на нападот пронашле отпечаток од прст на еден од напаѓачите и СИМ-картичка од неговиот телефон, со која наводно требало да биде снимена експлозијата.
Истрагата покажала дека кај Мика биле поставени три експлозивни направи, од кои две детонирале во саботата навечер, активирани преку кабел од 300 метри. Експлозијата не била доволно силна да го уништи товарниот воз, но состојбата на шините се влошувала со секој следен воз, сѐ додека во неделата не станала опасна.
Кај Пулави, пак, била поставена челична стега за да предизвика излетување на воз, но била неефикасна. Оштетена била и контактната мрежа, поради што патнички воз морал да забави. Повредени нема.
Полска како цел
Од нападот на Русија врз Украина во 2022 година, Полска повеќепати била цел на саботажи. Владата во Варшава од самиот почеток ја поддржува Украина – со оружје, хуманитарна помош, а повеќе од милион Украинци нашле засолниште во земјата.
Туск потсети и на претходни инциденти: пожар во фабрика за бои во Вроцлав, пожар во трговски центар во Варшава и 55 уапсени лица под сомнение за подметнување пожари, од кои 23 се во притвор. Осум лица неодамна биле уапсени и поради шпионирање на стратешки објекти.
После објавувањето на информациите за саботажата, на социјалните мрежи се појавила кампања на омраза против Украина. „Станува збор за перфидна игра на руските служби“, изјави потпретседателот на парламентот Пјотр Згожелски за ТВН.
Кампања на омраза и руска дезинформација
Туск предупреди и на руските дезинформациски напори. Русија не се стреми само кон непосредни последици од нападите, туку и кон ширење хаос, паника и политичка нестабилност. Ангажирањето Украинци за да изведат саботажи, според него, има за цел да создаде антиукраинско расположение. Анкетите веќе покажуваат пад на поддршката за Украина меѓу Полјаците.
Сикорски најави дека Полска ќе побара екстрадиција на осомничените од Белорусија, иако шансите се мали. Тој рече дека Полска нема да ги прекине дипломатските односи со Русија, но руските дипломати ќе мора да добиваат дозволи за движење надвор од регионот на Варшава. Тој ќе им препорача на сојузниците да им го ограничат движењето на руските дипломати во шенген-зоната.
Кремљ ги отфрли обвинувањата на Туск. „Русија се обвинува за сите форми на хибридна и директна војна“, изјави портпаролот Дмитриј Песков. Според него, „би било чудно ако овојпат Русија не беше веднаш обвинета“, додавајќи дека „русофобијата во Полска цвета во полн сјај“.
