Напнатост и национализам во Хрватска: Навивачи, Томпсонови песни и Денови на српската култура

Напнатости во Хрватска по прекинот на српска културна манифестација во Сплит. Илјадници протестираат, се пеат Томпсонови песни, а политичарите повикуваат на смирување.

Пет дена по нападот врз културна манифестација на српското малцинство во Сплит, одекот од овој настан продолжува да се шири низ земјата.

Неколку илјади луѓе се собраа во саботата, на 8 ноември, во Сплит, барајќи ослободување на мажите кои се во притвор поради тоа што го спречиле одржувањето на Деновите на српската култура на 3 ноември, пренесуваат хрватските медиуми.

Тие се обвинети за насилничко однесување и попречување на слободата на изразување на националната припадност.

Според новинската агенција Бета, лицата се задржани во притвор поради можноста да влијаат врз сведоци или да го повторат делото.

Протестот го организираше Торцида

Собирот го организираше Торцида, навивачка група на фудбалскиот клуб Хајдук Сплит, а им се приклучија и некои здруженија на воени ветерани. Нивниот претставник Марко Рогиќ изјави дека „апсењата се насочени против онаа Хрватска за која се бореа бранителите“.

Премиерот Андреј Пленковиќ реагираше велејќи дека „навивачите треба да се запрашаат против што точно протестираат“.

„Во мандатите на нашите три влади работевме на достоинството на Татковинската војна, на правата на хрватските бранители и на јакнењето на хрватската војска“, додаде тој.

Претходно, Пленковиќ го осуди прекинот на српската културна манифестација, нарекувајќи го „недозволив напад на српското национално малцинство“.

Инциденти во Загреб

Во петок навечер, пред Српскиот културен центар во Загреб, се собраа десетици маскирани мажи, пеејќи усташки песни, додека внатре се одржуваше програмата во рамките на Деновите на српската култура.

Градоначалникот Томислав Томашевиќ изјави дека таквото однесување „претставува славење на НДХ — квислиншката држава создадена со поддршка на нацистичка Германија и фашистичка Италија за време на Втората светска војна“.

Ова лето во Загреб се одржа и концерт на крајнодесничарскиот пејач Марко Перковиќ Томпсон, на кој присуствуваа стотици илјади луѓе, а се слушаа и усташкиот поздрав „За дом спремни“.

На генералната проба присуствуваше и премиерот Пленковиќ, кој сега изјави дека „како што левицата тогаш насекаде гледаше ревизионизам и усташтво, така сега десницата неоправдано ја обвинува државата за понижување на Домовинската војна“.

Што се случи во Сплит?

Околу сто мажи облечени во црно, извикувајќи „За дом спремни“, го спречија одржувањето на фолклорно-драмската вечер со која требаше да се отвори манифестацијата Денови на српската култура во Сплит, објави порталот Новости.

Еден од напаѓачите, според истиот извор, извикал „српско ѓубре“, а друг им рекол на присутните да се разотидат за да не им се случи ништо.

Групата тврдела дека настанот не треба да се одржи во периодот кога се одржуваат комеморации за Вуковар.

На програмата требало да настапат уметнички групи од Сплит и Нови Сад.

Политички и општествени реакции

Инцидентот го осудија бројни хрватски политичари, меѓу кои и претседателот Зоран Милановиќ.

Поради инцидентот, беа уапсени девет мажи на возраст од 23 до 59 години, меѓу кои и локален функционер на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), објави Слободна Далмација.

Навивачката група Торцида тврди дека станува збор за „лицемерие и линч“ што „кулминирале со апсењето на бранителите“.

„Сè започна со настан што имаше за цел мирно да изрази несогласување со манифестации на кои се пее за хрватски градови како српски и се промовира држава која изврши агресија врз нашата Домовина“, наведуваат тие, пренесува Вечерњи лист.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни