Мајка на едно од загинатите момчиња, со термос во рака, им пријде на присутните.
„Никаде не одам без кафе… син ми многу сакаше кафе. Ајде, напијте се“, им рече, нудејќи им пластични чаши со топол напиток на новинарите и другите родители што стоеја пред објектот, чекајќи продолжување на рочиштето. Пауза се продолжи откако дел од адвокатите побараа одлагање и нова листа докази со оглед на спојувањето на предметите „Пулс“ и „Рубикон“.
Сликата беше болен контраст: во судницата – процедурални забелешки, барања за рокови, технички дискусии; надвор – мајка што во обично кафе гледа начин барем симболично да го задржи присуството на своето дете. Ритуал што некогаш го делеле секое утро, сега станува мост меѓу неа и луѓето кои ја следат приказната, кои со часови стојат пред судот и се обидуваат да ја претворат туѓата болка во зборови или кадар.
И отецот на загинатиот Андреј Стојанов, пред камерите, зборуваше за „крвави пари“ и за совеста со која бранителите ќе ги земаат хонорарите. Само неколку чекори подалеку, истата таа мајка тивко им велеше на новинарите: „Напијте се кафе за душа на син ми.“
Судењето почна осум месеци по трагедијата, со 35 обвинети – од сопственици, управители и проектанти, до инспектори, поранешни министри и директори на агенции за обезбедување. Тим од 15 обвинители го застапува случајот, а судијката Дијана Груевска-Илиевска на самиот почеток рече дека никој не може да предвиди дали процесот ќе трае пет месеци или пет години. Најави дека нема да дозволи неоправдани одлагања, но семејствата веќе виделе доволно слични случаи што завршувале во ќор-сокак.
Во таква атмосфера, гестот со кафето не беше само израз на лична болка. Беше порака – тивка, но силна – до сите што се таму по служба. Потсетник дека зад секоја бројка во обвинението стои живот кој повеќе не може да се врати: 63 деца, 63 недопиени утрински кафиња, 63 семејства што секој ден учат да живеат со празно место во домот.
Мајката не бараше ничие сожалување. Само им подаде топла чаша и недоизговорено им порача: пишувајте, прашувајте, снимете – но не заборавајте за кого сте таму. За ова судење да не стане уште еден датум во записник, туку момент кога институциите конечно ќе ја признаат својата одговорност.
Извор: Рацин
