Напаѓачот кој уби шест лица на божиќниот саем во Германија заплакал на судење

Мажот обвинет дека со автомобил усмртил шест лица на божиќниот саем во Магдебург минатата година, заплакал на првиот ден од судењето и им се извинил на родителите на деветгодишниот Андре Глајснер – најмладата жртва на нападот, јавува Sky News.

Обвинетиот, Талеб А., 51-годишен психијатар роден во Саудиска Арабија, се товари дека на 20 декември 2024 година со изнајмен автомобил BMW влетал во толпа луѓе на преполниот саем, движејќи се со брзина од околу 48 km/h. Во нападот загинале пет жени на возраст од 45 до 75 години и деветгодишниот Андре, а повредени биле повеќе од 300 лица.

На сведочењето, кое траело деведесет минути, обвинетиот со солзи во очите зборувал за момчето Андре, наведувајќи дека „имал визија на дете“ додека возел низ саемот. Седејќи во заштитна стаклена кабина, се извинил на неговите родители, од кои таткото бил присутен во судницата.

Судењето почнало со долга и тешка оптужница што ги опишувала ужасните последици од нападот, вклучително и повредите на преживеаните. Талеб А. изјавил дека неговото сведочење ќе трае „часови, ако не и денови“, цитирајќи го францускиот филозоф Волтер и обвинувајќи ги „левичарските медиуми“ за политичка пристрасност.

Во текот на излагањето преминувал од каење кон политички тиради, напаѓајќи ја берлинската полиција, поранешната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер и Ангела Меркел, тврдејќи дека постои „завера против него“.

При апсењето, властите го опишале како „нетипичен напаѓач“, истакнувајќи дека бил исламофоб и бивш муслиман. На неговите профили на социјалните мрежи биле објавени антиисламски ставови и поддршка за крајно десничарската партија „Алтернатива за Германија (AfD)”, со која, како што напишал, „се бори за заштита на Германија“.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни