Во напад врз нафтен терминал во близина на селото Волна, во рускиот Краснодарски крај, загинаа две лица, соопшти доцна синоќа регионалниот гувернер Венијамин Кондратјев.
Според неговите зборови, нафтениот терминал во моментов е зафатен од пожар, при што се запалиле четири резервоари со нафтени деривати. Во гаснењето и санирањето на последиците учествуваат 97 лица и 29 единици специјализирана опрема, вклучувајќи и припадници на руското Министерство за вонредни ситуации.
Кондратјев истакна дека ова е втора ноќ по ред во која Краснодарскиот крај е цел на напади. Претходната ноќ, со беспилотно летало беше погодена рафинеријата Афипски, по што изби пожар во објектот. Станува збор за една од најголемите рафинерии во јужна Русија, која и претходно била мета на напади со дронови, вклучително и во септември и ноември минатата година.
Украина ги смета руските енергетски постројки за легитимни воени цели, наведувајќи дека тие директно го финансираат воениот ангажман на Русија во Украина. Поради тоа, Киев редовно спроведува напади длабоко на руска територија со цел да ги ослабне воените капацитети на Кремљ.
