Нападите во Заливот ја турнаа нафтата над 100 долари

Цената на нафтата повторно надмина 100 долари по серијата напади врз танкери и нафтена инфраструктура во Ормускиот Теснец , и покрај ослободувањето на глобалните резерви.

Цената на нафтата Brent повторно ја надмина границата од 100 долари за барел, откако серија напади врз танкери, нафтени терминали и пристаништа во Персискиот Залив ја зголеми загриженоста на глобалните пазари. Растот се случува и покрај одлуката на земјите членки на Меѓународната енергетска агенција (IEA) да ослободат огромни количини нафта од стратешките резерви.

На азиските пазари утринаванафтата се движи околу 100 долари за барел, односно приближно 92 евра. Овој раст доаѓа по серијата напади поврзани со конфликтот со Иран, кои ги погодија нафтените транспортни рути и инфраструктурата во регионот на Заливот.

За да се ублажат последиците од кризата и да се спречи глобален недостиг на нафта, сите 32 членки на Меѓународната енергетска агенција најавија дека ќе пуштат на пазарот околу 400 милиони барели нафта. Тоа е количина која светската економија ја троши за приближно четири дена.

Иако интервенцијата на IEA се смета за значајна, аналитичарите предупредуваат дека ваквата мерка не може често да се повторува и има ограничен ефект ако безбедносната ситуација во регионот продолжи да се влошува.

Пазарите во моментов се соочуваат со едно клучно прашање: колку долго Ормускиот теснец ќе остане ризична зона за танкерите. Овој теснец е една од најважните светски рути за транспорт на нафта, низ која поминува значителен дел од глобалната енергетска трговија.

Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда порача дека „непријателите на Иран нема да можат вештачки да ја намалат цената на нафтата“, предупредувајќи дека цената би можела да порасне и до 200 долари по барел.

Ескалацијата на конфликтот создава и политички притисок во САД. Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со зголемен притисок од јавноста да објасни како конфликтот со Иран нема дополнително да ги зголеми трошоците за живот.

Пазарите внимателно ја следат безбедносната ситуација во Персискиот Залив и Ормускиот теснец. Секое ново нарушување на нафтените рути би можело дополнително да ја зголеми цената на нафтата и да влијае врз глобалната економија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни