Напади во Персискиот Залив: погодени два танкери, Саудиска Арабија и Кувајт соборија дронови

Напад врз два нафтени танкери во Персискиот Залив остави најмалку еден загинат. Саудиска Арабија и Кувајт соопштија дека собориле дронови, додека цената на нафтата надмина 100 долари за барел.

Најмалку едно лице загина во напад врз два нафтени танкери во Персискиот Залив, соопштија ирачките власти рано утринава, додека Саудиска Арабија и Кувајт објавија дека собориле дронови над својата територија.

Нападот се случил во ирачките територијални води и претставува кршење на суверенитетот на земјата, изјави портпаролот на ирачката војска, пренесе државната новинска агенција ИНА. Шест пловни објекти биле испратени за да им помогнат на екипажите на двата нападнати танкери.

Танкерите биле погодени во близина на пристаништето Ум Каср на југот на Ирак. Портпаролот наведе дека од вкупно 38 членови на екипажот на двата брода едно лице загинало. Првичната истрага на ирачките безбедносни служби покажала дека танкерите биле погодени од бродови натоварени со експлозив испратени од Иран, јавуваат Ројтерс и Си-Ен-Ен.

Станува збор за бродот Сејфси Вишну, кој плови под знамето на Маршалските Острови, и за бродот Зефирос, кој плови под знамето на Малта, изјавија двајца ирачки пристанишни службеници. Поморските власти соопштија дека и неколку други пловни објекти во водите на Персискиот Залив биле нападнати со проектили.

„Се чини дека ова претставува директен и силен одговор на Иран на најавата на Меѓународната агенција за енергија за масовно ослободување на стратешките резерви со цел да се смири неконтролираниот раст на цените“, изјави Тони Сикамор, аналитичар во компанијата ИГ.

Најновите напади врз бродови поврзани со САД и Европа претставуваат нова ескалација на конфликтот меѓу Иран и американско-израелските сили, со што бројот на погодени пловни објекти во регионот од почетокот на борбите достигна најмалку 16.

Ирачките нафтени пристаништа целосно ја запреле работата по нападите, додека комерцијалните пристаништа продолжуваат да функционираат, објави ирачката новинска агенција повикувајќи се на директорот на државната компанија за ирачки пристаништа.

Три члена на екипажот на тајландски трговски брод, кој претходно во средата бил нападнат во Ормускиот Теснец, се водат како исчезнати и се верува дека се заробени во машинскиот простор, соопшти компанијата „Прешиус Шипинг“, сопственик на бродот.

Иран, исто така, нападнал резервоари за гориво во објект во Мухарак во Бахреин, соопшти министерството за внатрешни работи, додавајќи дека се преземаат неопходни мерки.

Неидентификуван проектил погодил контејнерски брод и предизвикал помал пожар на околу 35 наутички милји северно од Џебел Али во Обединетите Арапски Емирати, соопшти Центарот за поморски трговски операции на Обединетото Кралство, додавајќи дека екипажот е безбеден.

Оман ги евакуирал сите бродови од клучниот терминал за извоз на нафта Мина ал Фахал како мерка на претпазливост, јави Блумберг.

Во меѓувреме, цената на нафтата Брент во четвртокот надмина 100 долари за барел, и покрај најавата за ослободување на огромни резерви со цел да се спречи глобален недостиг.

Саудиска Арабија и Кувајт соборија дронови

Министерството за одбрана на Саудиска Арабија соопшти дека пресретнало дрон кој се движел кон нафтеното поле Шајбах на истокот на земјата, кое во последните денови веќе неколку пати било цел на напади.

„Дронот што се движеше кон нафтеното поле Шајбах беше пресретнат и уништен во пустината Руб ал Кали“, изјави портпаролот на министерството.

Тој подоцна објави дека бил соборен и „непријателски дрон“ кој се обидувал да се приближи до кварт во главниот град Ријад каде се наоѓаат странските амбасади.

Министерството за одбрана на Кувајт, исто така, соопшти дека нивната противвоздушна одбрана пресретнала неколку дронови додека Иран изведувал напади врз нафтено богатите земји од Заливот.

Обединетите Арапски Емирати објавија дека нивната противвоздушна одбрана реагира на ракетна закана. Во Дубаи дрон паднал врз станбена зграда и предизвикал пожар, кој брзо бил ставен под контрола, а засега нема извештаи за повредени лица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни