Овие 6 намирници го штитат црниот дроб: храна и напитоци што го намалуваат ризикот од воспаленија и рак

Новите здравствени препораки потврдуваат: кафето, чајот, рибата, јаткастите плодови и лиснатиот зеленчук се меѓу најмоќните сојузници на црниот дроб.

Црниот дроб е еден од највиталните органи во телото, кој го детоксифицира организмот, учествува во варењето, складира витамини и создава важни протеини. И иако има впечатлива способност да се регенерира, неговата функција значително зависи од секојдневните навики и исхраната. Според експертите, шест групи на намирници и напитоци можат значително да го намалат ризикот од воспаление, замастување и развој на хронични заболувања, вклучително и рак на црниот дроб.

Според повеќе истражувања и здравствени препораки, редовното консумирање кафе има директна заштитна улога за црниот дроб. Докторите објаснува дека кафето ги намалува ензимите што укажуваат на воспаление и го подобрува општото функционирање на органот. На луѓето со замастен црн дроб им се препорачуваат до три шолји дневно, но важно е кафето да се пие црно односно без шеќер и млеко. Тие што не пијат кафе можат да се потпрат на чајот, особено зелениот чај, за кој прегледот на студии од 2016 година покажува дека може да го намали ризикот од рак на црниот дроб и да ја ублажи клеточната оксидација.

Протеините, како немасната риба и пилешкото, играат клучна улога во создавањето на потребните градбени молекули што телото ги користи за нормално функционирање. Црниот дроб активно ги обработува протеините, па затоа нивниот квалитет е од голема важност. За оние што избегнуваат животински производи, здрави растителни опции се леќата, тофуто, јаткастите плодови и грашокот. Маслиновото масло и маслинките, богати со витамин Е и антиоксиданти, дополнително го намалуваат ризикот од замастување и придонесуваат за подобар липиден профил.

Јаткастите плодови се богат извор на здрави масти и протеини, но особено се вредни поради витаминот Е, кој ја намалува воспаленоста и ја подобрува исхранетоста на црниот дроб. Овој витамин е корисен и за лица со напредна болест на црниот дроб, кај кои е неопходен зголемен протеински внес за да се спречи губење на мускулната маса. Од друга страна, лиснатиот зеленчук како спанаќ, кељ, блитва и микрозеленчук се богати со витамин К и глутатион. Овие два елементи го поддржуваат создавањето на фактори на коагулација и го намалуваат оксидативниот стрес.

Бобинките, како боровинките и брусницата, се уште еден моќен извор на антиинфламаторни супстанции. Иако дел од сознанијата потекнуваат од студии на животни, резултатите укажуваат дека бобинките можат да играат значајна улога во подобрување на здравјето на црниот дроб и во намалување на оштетувањето на клетките. На крајот, овесните снегулки кои се еден од најдобрите извори на влакна, придонесуваат за уреден дигестивен систем, го намалуваат запекот и помагаат токсините да се елиминираат нормално. Бета-глуканите во овесот се поврзуваат со намалено воспаление, подобра регулација на тежината и поздрав метаболизам.

Сите овие намирници, кога се консумираат редовно и како дел од балансирана исхрана, го зајакнуваат црниот дроб и му овозможуваат да ја одржи својата природна способност за регенерација. Медитеранската исхрана, која се базира на свеж зеленчук, интегрални житарки, здрави масти и немасни протеини, останува најдобрата стратегија за долгорочно зачувување на здравјето на овој клучен орган.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни