Намирници што треба да се избегнуваат за здрав живот

Ултра-преработената храна ја зголемува шансата за срцеви заболувања, дијабетес и ментални пореметувања. Прочитајте кои намирници треба да ги избегнувате.

Лекарот од британскиот Национален завод за здравје, Крис ван Тулекен, во популарниот подкаст Diary of a CEO предупреди дека ултра-преработената храна станува водечки фактор за предвремена смрт, надминувајќи го дури и тутунот. Тој предлага овие производи да не се нарекуваат храна, туку „индустриски преработени јадливи супстанции“.

Опсежна анализа објавена во British Medical Journal во 2024 година, која опфати 10 милиони луѓе во 45 студии, покажа дека поголемиот внес на ваква храна е поврзан со зголемен ризик од срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и ментални пореметувања.

Индустрискиот леб, иако често се смета за здрав избор, дури и целиот или црниот леб од индустриска продукција е многу преработен. Подолго е списокот на состојки, па подобра опција е свеж леб од локална пекара или домашно приготвен.

Енергетските пијалаци, иако популарни за подигање на енергија, содржат високи количини на кофеин и шеќер. Редовната консумација може да предизвика пореметување на срцевиот ритам, забрзан пулс и покачен крвен притисок, што го зголемува ризикот од срцеви заболувања.

Житариците за појадок често се богати со додаден шеќер, што води кон зголемување на телесната тежина, оштетување на забите и скокови на инсулинот. Здрави варијанти како овесните снегулки губат дел од користите ако им се додаваат шеќер или засладувачи.

Виршлите и преработеното месо се ран пример на ултра-преработена храна. Светската здравствена организација ги класифицира како канцерогени, а тие содржат заситени масти, натриум и хемиски конзерванси кои го зголемуваат ризикот од срцеви болести и хипертензија.

Индустриските замени за месо и сирење, иако дел од веганската исхрана, честопати се ултра-преработени. Тие содржат адитиви, повеќе сол и масти, а помалку протеини и калциум од очекуваното.

Популарните пилешки медаљони комбинираат месо, кожа и масти, а подготовката во хидрогенизирани масла дополнително го зголемува внесот на штетни масти. Грицкалките од преработен компир и чипсот содржат транс-масти поврзани со дебелина и болести на срцето и црниот дроб.

Маргаринот, иако со помалку заситени масти од путерот, е високо преработен со емулгатори и бои, а готовите јадења честопати содржат високи нивоа на сол и заситени масти.

Се препорачува да се намали внесот на ултра-преработена храна преку внимателен избор, читање на декларации и замена со природни алтернативи како овошје, зеленчук, риба и здрави масти. Клучот е не само во тоа што јадеме, туку колку тоа е блиску до вистинската храна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни