Шест намирници што никогаш не треба да ги чувате во пластични садови

Нутриционистите предупредуваат: пластиката може да ја наруши свежината на храната, но и да ослободи штетни материи — особено кај топли, кисели и чувствителни производи.

Намалувањето на фрлањето храна станува сè поважен приоритет и за домаќинствата и за општеството. Но и најдобрата намера често се урива на една мала, секојдневна навика: складирањето храна во погрешни садови. Иако пластичните кутии изгледаат практични, нутриционистите предупредуваат дека во некои случаи тие можат да направат повеќе штета отколку корист.

Причината е едноставна: одредени намирници реагираат со пластиката, што може да доведе до ослободување штетни соединенија, промена на вкусот, побрзо расипување или загуба на квалитетот. Стручњаците издвојуваат шест категории храна што никогаш не треба да се чуваат во пластични садови — особено ако сакате да ги задржите здравите нутритивни вредности и природната свежина.

Топлата храна, велат нутриционистите, е најголемата опасност. Загреаната пластика се распаѓа побрзо и може да ослободи супстанци како BPA и фталати, кои го нарушуваат хормоналниот баланс. Поради тоа топлите оброци секогаш треба да се преместуваат во стаклени или метални садови, додека пластиката може да се користи само за ладни намирници.

Фините, тврди сирења исто така страдаат во пластика: без доволен проток на воздух се менува нивниот вкус, текстура и боја. Наместо тоа, најдобро е да се завиткаат во хартија за сирење или пергамент и потоа лабаво да се стават во кеса.

Киселата храна — од сосови од домати до лимонов сок — може да ја оштети пластиката и да поттикне излачување на хемикалии. Затоа нутриционистите препорачуваат исклучиво стакло или нерѓосувачки челик.

Кромидот и лукот речиси веднаш се влошуваат во затворена пластика, каде што влагата предизвикува расипување и ртење. Потребни им се воздух и темнина — најдобро е да се чуваат во хартиени или мрежести кеси.

Слично важи и за зелениот зеленчук: кога салатата, спанаќот или кељот се затворени во пластична кеса, влагата ги распаѓа многу побрзо. Најдобра техника е да се завиткаат во сувa чистa крпа и да се чуваат во сад што може да се затвори.

Свежите билки — како магдоносот, кориандерот или босилекот — се однесуваат како сечено цвеќе: подобро траат во чаша со вода, лабаво покриени со кеса отколку во пластична амбалажа каде брзо овенуваат.

Овие едноставни совети може да спречат непотребно фрлање храна, да зачуваат вкусови и да го заштитат вашето здравје. Правилното складирање не е луксуз — туку паметна навика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни