Намирници што можат да го нарушат дејството на лековите

Од зелен лиснат зеленчук до кафе и грејпфрут – лекар предупредува дека секојдневната исхрана може значително да влијае врз ефикасноста и безбедноста на терапијата

Луѓето кои редовно земаат лекови, особено за хронични состојби, често не се свесни дека одредени намирници можат да го ослабат или променат дејството на терапијата. На тоа предупреди лекарот Крис Стил во изјава за британските медиуми, посочувајќи дека интеракциите меѓу храна и лекови не се исклучок, туку честа појава.

Според него, особено внимание треба да внимаваат лицата кои користат лекови за разредување на крвта, познати како антикоагуланси, како и оние што земаат антибиотици, лекови за срце, притисок, астма или депресија.

Витаминот К и антикоагулансите

Антикоагулансите најчесто се препишуваат за спречување на создавање тромбови кај лица со зголемен ризик од срцев или мозочен удар, белодробна емболија или длабока венска тромбоза. Иако овие лекови се исклучително важни, нивното дејство може да се наруши со исхраната.

Лиснатиот зеленчук, како што се спанаќот, кељот и блитвата, е богат со витамин К – супстанца која природно го поттикнува згрутчувањето на крвта. Кај лекови како варфарин, чија цел е да го намали дејството на витаминот К, ненадејно зголемување на внесот на ваква храна може да ја намали ефикасноста на терапијата.

Доследност наместо целосно избегнување

Лекарот нагласува дека овие намирници не треба целосно да се исфрлат од исхраната. Клучно е нивниот внес да биде стабилен и доследен, без нагли промени. Покрај зелениот зеленчук, витамин К има и во жолчки од јајца, наут и леќа.

Дополнително, се препорачува претпазливост со сок од брусница и производи од брусница, бидејќи можат да го променат дејството на антикоагулансите. Исто така, големи количини лук и ѓумбир може да го зголемат ризикот од крварење.

Антибиотици и млечни производи

Одредени антибиотици, како ципрофлоксацин и тетрациклин, можат да имаат намалено дејство доколку се земаат заедно со млеко, јогурт или сирење. Калциумот од млечните производи се врзува со лекот и ја намалува неговата апсорпција во организмот.

Истото важи и за некои лекови за остеопороза, кај кои се препорачува избегнување на калциум неколку часа пред и по земањето на терапијата.

Грејпфрут, банани и кафе

Листата на потенцијални ризични комбинации не завршува тука. Грејпфрутот може да влијае на дејството на статините за намалување на холестеролот и лековите за висок крвен притисок. Црниот сладиќ може да биде проблематичен кај срцеви лекови како дигоксин, додека бананите, поради високиот калиум, не се препорачуваат со одредени ACE-инхибитори.

Кафето може да го засили дејството на бронходилататорите кај астма, а преработената храна како чаден лосос и салама може да предизвика несакани реакции со некои антидепресиви. Лиметата, пак, може да влијае на лекови против кашлица.

Консултацијата со лекар е клучна

Лекарите апелираат пациентите секогаш да се консултираат со здравствен работник при воведување нова терапија. Во одредени случаи може да биде потребно прилагодување на исхраната, промена на навиките или дополнителни мерки на претпазливост за да се избегнат несакани ефекти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни