Што и да правите забите сè уште не ви се бели? Виновни можат да бидат овие намирници

Кафето не е единствениот „кривец“ за потемнување на забите – киселата и леплива храна, слатките и дури и често омилените напитoци можат постепено да ја нарушат глеѓта.

Повеќе од 800 видови бактерии живеат во усната празнина, а дел од нив можат да предизвикаат потемнување на забите, кариес или воспаленија на непцата, особено кога храната што ја консумираме создава услови за нивно брзо размножување. Само дваесет минути по оброк, киселините кои се создаваат во устата почнуваат да ја напаѓаат глеѓта – најтврдата, но чувствителна заштитна бариера на забите.

Една од најчестите групи намирници што предизвикуваат оштетување е цитрусното овошје. Лимоните, грејпфрутите и портокалите содржат значителна количина киселини што, кога често се консумираат, може да ја нагризат глеѓта и да ја направат поранлива. Истражувањата покажуваат дека сокот од лимон и грејпфрут имаат особено агресивен ефект, многу посилен од портокаловиот сок. Разликата е значајна и меѓу консумирање свежо овошје и пиење засладени лимонади, кои ја комбинираат киселоста и шеќерот што претставува комбинација што е најнеповолна за забите. Наједноставната превенција е миење на забите и користење забен конец веднаш по консумирањето на овие намирници.

Слатките, особено меките бонбони и карамелите, се вториот најчест виновник за кариес. Тие се лепат за површината на забите и создаваат идеална средина за бактериите што го разградуваат шеќерот и при тоа произведуваат киселини кои ја оштетуваат глеѓта. Дури и тврдите бонбони, иако не се лепат толку лесно, остануваат долго во устата и го продолжуваат контактот меѓу шеќерот и глеѓта. Дополнително, гризењето на тврдите бонбони може механички да го оштети забот, што стоматолозите го истакнуваат како особено ризично.

Кафето, како и тутунот, може да предизвика потемнување и појава на постојани дамки на забите. Истражувањата покажуваат дека мрсните пигменти од кафето силно се врзуваат за глеѓта, а понекогаш, дури и по третмани за избелување, дамките повторно се појавуваат. Доколку во кафето има и шеќер или засладени додатоци, ризикот за кариес драстично се зголемува.

Чајот, иако често се смета за поблага алтернатива на кафето, содржи танини што можат да ги обојат забите. Некои црни чаеви дури предизвикуваат потемнување поинтензивно и од кафето особено ако се консумираат без млеко, кое делумно ги ублажува танините.

Но, има и добра вест: постојат намирници што природно помагаат да се одржат забите цврсти и здрави. Балансираната исхрана богата со минерали и витамини – особено калциум, витамин Д и витамин К2 – е основа за здрави заби и непца. Некои стоматолози препорачуваат и џвакање гума без шеќер, бидејќи поттикнува лачење плунка која е најприродниот начин за неутрализирање киселини во устата. Плунката истовремено ја штити глеѓта и помага да се исфрлат остатоците од храна. Посебно корисни се гумите кои содржат ксилитол, бидејќи го намалуваат бројот на бактериите што предизвикуваат кариес.

Најмоќниот „заштитник“ на забите останува обичната вода. Пиењето вода, особено вода со флуор, го зајакнува забот и ги намалува шансите за развој на кариес. Флуорот учествува во формирањето на хидроксиапатит, минерал што ја гради и зајакнува глеѓта. Исто така, водата помага да се исплакнат киселините и да се намали контактот меѓу храната и глеѓта.

Зеленолиснатото овошје и зеленчук, како спанаќот или блитвата, се особено корисни бидејќи содржат широк спектар на витамини и бараат повеќе џвакање односно помагаат кон природно „чистење“ на забите и вежбање на непцата. Сличен ефект имаат и намирниците што бараат подолго џвакање, како месото или тврди јаболка – тие механички ги отстрануваат дел од насlagите и ја стимулираат циркулацијата во непцата.

Иако ниту една храна не може сама да ги „расипе“ или „излечи“ забите, комбинацијата од премногу киселина, многу шеќер и недоволна хигиена секогаш води кон проблеми. Затоа стоматолозите препорачуваат умерена консумација на ризични намирници, редовно миење на забите најмалку двапати дневно, користење забен конец и редовни стоматолошки прегледи.

Здравите заби не зависат од една навика или една намирница туку од дневните избори, совесната грижа и умереноста. Со правилна нега и информиран пристап, насмевката може да остане бела и здрава и покрај сите предизвици што ги носи модерната исхрана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни