Едина Муса: Наместо да се трезнам во недела наутро сакам да сликам на платно

Едина Муса, покрај тоа што ја знаеме по кошарката, фитнесот и општо спортот, е едноставна личност која буквално се радува на мали нешта. Ужива во природата и има неизмерна љубов и емпатија кон животните. Времето знае да го помине во теретана, на баскет, трчање на кеј, планинарење или долги прошетки во парк. Едина е личност која ги сака децата и верува дека тие се најисплатливата „инвестиција“. Веќе неколку години работи како тренер на млади кошаркари.

Недела наутро:
Една од работите кои навистина не ме прават среќна и не сум тоа јас, е да го изгубам целиот ден трезнејќи се од претходната вечер и така да го изгубам целиот ден во лошо расположение. За мене недела е ден за одмор и време поминато со моите најблиски. Неделно утро… го има во две комбинации. Доколку немам некој спортски настан (натпревари) сакам добро да се одморам, во превод будење без аларм и без никаде да брзам. Обично не си задавам никакви обврски и денот ми тече во зависност од тоа како се чувствувам.

За појадок (како и секој преостанат ден) си приготвувам овес во зрно (претходно отстоено во вода за да омекне), во комбинација со разно свежо овошје, лажица мед и лажица путер од кикирики. Недела наутро не ми е ден за спорт, туку за сликање на платно, една од моите пасии кои неодамна почнав повторно да ја практикувам. Полн погодок за целосно опуштање во комбинација со добро музиче. Втората комбинација неделно утро знае да биде доста хаотично, поготово ако имам патување со тимот, како и две утакмици во еден ден. Тогаш неделата го губи своето значење и повеќе наликува на понеделник.

Неделен ручек:
Немам некој ритуал или традиција за неделниот ручек. Обично сакам сама да си готвам по дома, бидејќи баш уживам во истото. Највеќе уживам и ја практикувам веганската кујна. Благодарение на инстаграмот каде што можам да најдам разни рецепти, доста се инспирирав, а воедно ја разбудив и својата креативност во кујната. Моите најблиски до сега не се пожалиле, ха ха ха… Но има и недели кога имаме кошаркарски натпревари, па и неделите знаат да бидат доста напорни, во тој случај практикувам или ручек кај моите или во некој ресторан.

Недела попладне:
Доколку сум добро одморена и нема потреба од попладневна „дремка”, недела попладне дефинитивно е време за опуштање со добра книга или пак ако е убаво времето прошетка во парк заедно со моето куче Лео и мојата внука Луана. Времето поминато со нив е секогаш добра опција.

Неделно опуштање:
За мене одморот е од големо значење. Ако сум добро одморена, автоматски е тоа рецепт за убав ден. Неделното опуштање може да биде во различни форми, некогаш е цел ден поминат дома со добра книга, филмче, па дури и чистењето генералка (навистина е добра психичка релаксација), а некогаш и одење на Водно, прошетка во парк или пак дружење со семејството.

Недела навечер:
Недела навечер е за кино или филм дома, може и евентуално „date night” во некој ресторан. Ако е филм по дома тогаш во меѓувреме пуштам и машина со алишта, ха ха ха… Пред легнување е секогаш стандардното спремање за следниот ден.

Недела во детството:
Викендите секогаш биле поминати играјќи натпревари или гледајќи како играат други тимови, па во текот на сезоната никогаш неделите не ми биде досадни и депресивни. Нооо, во летните периоди, паметам доста досадни недели, кој на одмор, кој не излегува во маало во текот на денот поради високите температури, без тимските тренинзи со другарчињата, навистина немаше што да се прави. Како и да е во текот на убавите месеци, имаше доста дружење во маало. Во тоа време и без компјутери и смарт телефони, неделите баш беа за одмор и време со најблиските. Убави времиња…

Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Во принцип немам проблем со понеделниците, со оглед на тоа што девет месеци во годината додека трае кошаркарската сезона викендите ми се исто толку зафатени како и секој работен ден, навикната сум на тој брз начин на живот. Како и да е, да можам да бирам би го продолжила викендот за уште еден слободен ден, но да биде тотално без никакви обврски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни