Ние кај нас, во Македонија си сме научени да го коваме железото додека е жешко. Кога пред неколку месеци ни се случија, настаните како сообраќајката со фатален завршеток и пожарот со хорорен крај, сите бевме на улиците, некој од гнев, некој од жал, некој ради загубата и некој за да променува цела држава. Секој водени од различно нешто, а сепак за иста цел, наелектризирани почнавме да бараме правда. Секој се изрази онака како што можеше, пароли се делеа по луѓето, некој гласно викаше, а некој пак само немо стоеше. Се случи што се случи и помина време. Оној на кого му се случи лично, никогаш нема да заборави. Оној кој беше само набљудувач, остана и таков. Од време на време ќе ја спомни темата и подоцна повторно ќе ја заборави. Повторно ќе си легне во топол кревет и ќе се разбуди во истиот, без многу да се размислува дали нешто чини или не чини, ќе си се занимава како и секогаш со личните секојдневни предизвици.
Меѓутоа се додека постојат заборавачи, постојат и тивки викачи. Ете таквите што прават промена на тивок начин. Оние кои знаат дека врвот на една планина е дното на друга и дека најлесно истиот врв се освојува од патот одоколу, а не фронтално.
Едно топло/ладно попладне, од оние лепливите ми се случи пред некој ден, седам и пијам кафе во „Che“. Истата пријатна атмосфера од секогаш и истите пријатни лица. Секогаш кога седам таму ги забележувам деталите, затоа што тие се тие што го прават тоа место поразлично и поубаво. Некој има стварно што се залага за деталите. Што јас сметам дека е одличен начин да се остави впечаток и белег, одлична тивка комуникација со јавноста, со посетителите, со оние кои си го пијат кафето за да се освестат или пивото за да се опуштат. Покрај мене поминува девојката која што работи внатре, и назад на маицата и пишува „Кој вози пијан, многу е во зијан“. Два пати ја прочитав блузата и си помислив, на 300 метри од местото каде најбрзо се вози, на место каде што алкохолот се точи, се зборува за одговорност… Нели е предобро? Да консумираме одговорно? Нели е одговорно да се забавуваме свесно? Нели е свесно да не заборавиме што баравме пред некое време. Колку убаво што некој тука внимава на деталите.
Колку само не се чувствував наметнато во тој момент, никој не ми тураше напорно информации во очите со притисок да ми пукнат капилари, никој не ми зборуваше на уво за да ми ѕвони главата. Туку едноставно се случи, тука пред мене, во „CHE“ – алтернативен активизам.
Тогаш се потсетив на книга од Зоран Попоски – „Простори на моќта“ каде што се зборува за заземање на јавниот простор и како секој од нас и се околу нас е комуницирање со јавноста и оставање на трага. Се потсетив и на книгата на Пјер Бурдија, „Противогнови на телевизијата“. Во која се зборува за тоа дека секој треба да си ја носи одговорноста за тоа што го зборува и како секој треба пред да има настап на било која платформа треба да знае дали е доволно релевантен за воопшто да зборува на таква тема.
Слушнав многу изминатиот период, беше и гласно ама беше за кратко. Меѓутоа од маичката во „CHE“ немаше погласна, и гласна беше за долго.
Нели примерот е хиперпогласен од местата каде што навистина треба да биде гласно? Пример, таму каде што треба да се пресудува за одговорноста? Со решавање на еден случај не се решаваат сите случаи. Со решавање на сите случаи – се решаваат сите случаи.