Најубавото лице на Србија: Емотивна средба на студентите Надија и Сава за време на маршот кон Нови Сад

Околу пет илјади студенти и граѓани од различни делови на Србија пешачеа со денови и недели за да стигнат до Нови Сад, каде што се одржа комеморативниот собир по повод годишнината од трагедијата на железничката станица.

На патот исполнет со солзи, надеж и солидарност, една сцена ја разнежни целата земја, а тоа е повторната средба на студентите Надија и Сава, чија прегратка стана симбол на човечноста и обединетоста.

Двајцата млади студенти се запознале уште во март, за време на големиот студентски протест во Белград, а сега, месеци подоцна, повторно се сретнаа на истата патека. Камерите го забележаа моментот кога се препознаа и се прегрнаа, со солзи во очите и насмевка што кажува повеќе од зборови.

„Ова е најубавото лице на Србија,“ коментираа корисниците на социјалните мрежи, каде снимката од нивната средба за неколку часа стана вирална.

Студентите од Државниот универзитет во Нови Пазар пешачеа повеќе од две недели, со јасна цел  да пристигнат во Нови Сад до 1 ноември и да им оддадат почит на 16-те жртви кои загинаа во падот на надстрешницата на железничката станица. Заедно со колегите од другите градови, тие ја пренесоа пораката дека меѓу младите нема поделби, национализам или омраза, туку само желба за правда, солидарност и достоинство.

На патот кон „српската Атина“ тие минуваа низ десетици градови и села, пречекувани со аплаузи и поддршка. Сцената на Надија и Сава останува како сведоштво дека токму во моментите на болка и борба се раѓа новата, подобра Србија, онаа што поврзува, а не дели.

Извор: Nova.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни