Овие европски градови имаат најскапи станови за изнајмување

Комбинацијата од висока побарувачка, ограничена понуда и туристички притисок ги турка кириите до рекордни нивоа во најатрактивните европски метрополи.

Најскапите станови за изнајмување во Европа се концентрирани во градови со силна економија, ограничена станбена понуда и интензивен туристички притисок. Податоците покажуваат дека кириите во овие метрополи често достигнуваат ниво кое може да „изеде“ неколку месечни плати, што го прави станувањето во нив сè потешко за локалното население. Трендот се засилува и со континуираниот раст на наемнините во Европската Унија во последната деценија.

Според податоците на Евростат, наемнините во Европската Унија од 2010 до крајот на 2024 година пораснале во просек за 26,7 проценти. Во градовите со најсилна побарувачка, дури и просечен стан станува луксуз.

На врвот на листата е Монако, каде изнајмувањето еднособен стан чини околу 6.500 евра месечно. Лондон останува симбол на кризата со наемнини, со околу 2.680 евра месечно за еднособен стан, а во најскапите делови на градот цените достигнуваат и над 3.500 фунти месечно.

Меѓу најскапите градови се и Цирих, со околу 2.570 евра месечно, Амстердам со околу 2.255 евра, Рејкјавик со околу 2.250 евра и Даблин со околу 2.000 евра месечно за еднособен стан. Париз бележи просек од околу 1.900 евра, додека Копенхаген е меѓу најскапите скандинавски градови со околу 1.795 евра месечно.

Високите наемнини се резултат на повеќе фактори. Првиот е силниот пазар на труд, кој привлекува високо платени професионалци и меѓународни компании. Вториот фактор е ограничената понуда на станови, која не расте со исто темпо како побарувачката. Третиот фактор е туризмот и краткорочното изнајмување, кои ја намалуваат понудата на станови за долгорочен наем и дополнително ги зголемуваат цените.

Растот на кириите во европските метрополи ја продлабочува станбената нееднаквост и ја поставува достапноста на домувањето како едно од клучните социјални и економски прашања во Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни