Три лица веќе загинаа на Јамајка додека островот се подготвува за најсилната бура во светот оваа година, а можеби и најмоќната некогаш забележана на тој остров. Американските метеоролози предупредуваат на „катастрофални и по живот опасни услови“.
Со брзина на ветер до 282 километри на час, ураганот Мелиса (Melissa) е бура од петта категорија, највисока на скалата на урагани. Според најновите податоци од Американскиот национален центар за урагани (NHC), таа дополнително засилува и се очекува денес да го погоди карипскиот остров.
Податоците покажуваат дека, според максималната брзина на ветерот и многу низок атмосферски притисок, Мелиса е најсилната бура во светот досега во 2025 година.
Според американската телевизија CBS, доколку ја задржи сегашната моќ, ова ќе биде најсилниот ураган што ја погодил Јамајка откако почнале службените мерења во 1851 година.