Најпознатиот божиќен маркет во светот мета на критики: Станува неиздржлив за локалното население

Адвентот во Виена, кој со години важи за еден од најубавите и најпознати божиќни маркети во светот, во последните денови е во фокусот на бројни критики и расправи на социјалните мрежи.

И оваа зима, божиќните маркети ширум Европа привлекуваат милиони посетители, а според американскиот информативен канал Си-Ен-Ен, за најубав во светот е прогласен виенскиот Christkindlmarkt на плоштадот пред Градската куќа (Rathausplatz), пренесуваат австриските медиуми.

Сепак, токму масовната посетеност предизвика незадоволство кај дел од граѓаните, кои сметаат дека големите гужви ја уништуваат автентичната празнична атмосфера и го отежнуваат секојдневието на локалното население.

На социјалните мрежи кружат видеа и коментари кои сведочат за збиени маси луѓе пред виенската Градска куќа. „Кога за викенд ќе дојдеш во Виена и со себе ќе донесеш половина Европа“, напиша една посетителка на ТикТок, алудирајќи на пренатрупаните улици и штандови.

Особено гласни се жителите на Виена. „За некој што е роден и израснат во овој град, ова е многу депресивно, во сопствениот град веќе не можам да отидам ниту на еден божиќен саем“, напиша една корисничка, а нејзиниот коментар наиде на силна поддршка, бидејќи, како што велат многумина, ситуацијата станала „навистина неиздржлива“.

Незадоволството не го изразуваат само оние што сакаат мирно да уживаат во празничниот амбиент, туку и граѓаните кои, како што велат, „по двапати дневно мораат да поминуваат низ тие гужви“ поради работа или обврски.

Како мала утеха, некои коментатори посочуваат дека слична состојба има и во другите светски метрополи за време на празниците, а паралелно се споделуваат и совети како да се избегнат најголемите гужви, со посета во раните утрински часови или во текот на работните денови.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни