Кои се најплатените професии во Хрватска? Анестезиолозите на врвот со над 3.600 евра плата

Анализата покажува длабоки разлики меѓу професиите – додека здравството, авијацијата и ИТ-секторот бележат рекордни примања, услужните занимања остануваат далеку под просекот.

Анестезиолозите, пилотите и ИТ-архитектите се меѓу најплатените професии во Хрватска, со примања кои значително го надминуваат државниот просек. Ова го покажува најновата анализа на порталот МојаПлата, која дава детална слика за платниот јаз меѓу различните професии и сектори во земјата.

Според податоците, просечната месечна нето-плата во Хрватска во 2025 година изнесувала 1.538 евра, со вклучени додатоци. Медијалната плата, пак, изнесувала 1.430 евра, што значи дека повеќе од половина од вработените земаат плата пониска од просекот.

Од анализата се издвојува и податокот дека во последните пет години е забележана најмала разлика меѓу просечната и медијалната плата, што укажува на побрз раст на примањата кај пониско платените категории и постепено приближување кон просекот.

Најголем дел од вработените во Хрватска – околу 38 проценти, сè уште се во платниот опсег од 1.000 до 1.500 евра месечно. Истовремено, 12 проценти од граѓаните примале плата пониска од 1.000 евра во текот на 2025 година.

Професии со највисоки плати

На самиот врв на листата се анестезиолозите, со просечна месечна плата од 3.657 евра. По нив следуваат пилотите со околу 3.246 евра, како и ИТ-архитектите со просек од 2.823 евра. Високи примања бележат и лекарите, со просечна плата од 2.729 евра, како и „lead“ програмерите во ИТ-секторот.

Најслабо платени занимања

На спротивниот крај од платната скала се услужните и помошните професии. Шивачите во просек заработуваат 864 евра, фризерите околу 962 евра, чистачите 963 евра, додека кројачите и хигиеничарите се движат околу 984 евра месечно.

Кои сектори плаќаат најмногу?

Гледано по дејности, ИТ-индустријата останува најисплатлив сектор, со просечна плата од 1.789 евра, што е околу 16 проценти над националниот просек. Надпросечни плати се забележани и во финансискиот и осигурителниот сектор, како и во енергетиката, водоснабдувањето и управувањето со отпад.

Од друга страна, платите во јавната администрација и државната служба се нешто под просекот, додека образованието и науката бележат примања кои се околу осум проценти пониски од националниот просек.

Каде најмногу растат платите?

Најголем раст на платите е забележан во јавната и локалната самоуправа, каде примањата пораснале за 20 проценти, како и во државните компании со раст од 18 проценти. Сепак, највисоки плати и понатаму се исплаќаат во приватните компании во странска сопственост, каде просечната плата изнесува 1.686 евра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни