Најнова париска атракција – скршениот прозорец на Лувр низ кој упаднаа крадците

По драматичната кражба вредна 88 милиони евра, туристите сега се собираат пред скршениот прозорец на Лувр во Париз – местото низ кое четворица крадци влегле во музејот и однеле накит од Наполеоновиот период.

Најпосетуваниот музеј на светот, Лувр во Париз, повторно ги отвори своите врати во средата, за првпат по сензационалната кражба во која четворица маскирани крадци провалија во Аполо галеријата и украдоа накит од Наполеоновиот период вреден околу 88 милиони евра – најголемата уметничка кражба во Франција во последните децении.

Додека илјадници туристи стрпливо чекаа ред за да ги разгледаат 33.000 експонати, меѓу кои скулптури, слики и цртежи, надвор – на тротоарот покрај реката Сена – се создаде нова, неочекувана атракција.
Љубопитни минувачи и посетители се собираа да го видат скршениот прозорец, делумно покриен со црни завеси, низ кој крадците влегле во музејот.

Според полицијата, двајца крадци облечени во светлечки работнички елеци користеле подвижни скали и платформа за подигање мебел за да стигнат до прозорецот, потоа со сечачи ги разбиле стаклените витрини и однеле осум парчиња накит, меѓу кои смарагдна огрлица и дијамантска дијадема што му припаѓала на Наполеон III и неговата сопруга, царицата Евгенија.

Крадците побегнале на два мотора кои ги чекале пред музејот.

Денес, скршениот прозорец на Лувр – симбол на срамот на париската безбедност – стана нова туристичка атракција, каде посетителите фотографираат и коментираат „најдрската кражба на векот“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни