Објавени најмоќните пасоши за 2026

Азиските земји и натаму доминираат на листата на најмоќни пасоши во светот, покажува најновиот извештај на Henley Passport Index, кој ги рангира државите според бројот дестинации достапни без виза.

Според индексот, Сингапур е на првото место, со безвизен пристап до 192 од 227 дестинации. Јапонија и Јужна Кореја го делат второто место со пристап до 188 дестинации. Веднаш по нив следуваат европски земји: Данска, Луксембург, Шпанија, Шведска и Швајцарија се на третото место со 186 дестинации, јавува CNN.

Обединетите Арапски Емирати бележат најголем напредок во 20-годишната историја на индексот, со 149 нови безвизни дестинации од 2006 година и скок од 57 места. Спротивно на тоа, Обединетото Кралство бележи најостар годишен пад – сега има пристап до 182 дестинации, осум помалку од пред една година. Соединетите Американски Држави се вратија на десеттото место со 179 дестинации, но зад нив се наоѓаат вкупно 37 земји.

Позицијата на европските земји

Четвртото место (185 дестинации) го делат десет земји, меѓу кои Австрија, Белгија, Финска, Франција, Германија и Италија. Хрватска е рангирана на шестото место, со безвизен пристап до 183 земји, позиција што ја дели со Чешка, Естонија, Малта, Нов Зеланд и Полска.

Моќта на пасошот и геополитиката

Експертите нагласуваат дека силата на пасошот ја одразува пошироката геополитичка слика. „Моќта на пасошот на крајот ја рефлектира политичката стабилност, дипломатскиот кредибилитет и способноста да се влијае врз меѓународните правила“, наведува новинарот и академик Миша Глени во извештајот.

На дното на листата е Авганистан, чиј пасош овозможува безвизен влез во само 24 дестинации, по што следуваат Сирија (26) и Ирак (29) – јаз од 168 дестинации меѓу најмоќниот и најслабиот пасош.

Според Кристијан Х. Келин, претседател на Henley & Partners, глобалната мобилност расте, но придобивките се нерамномерно распределени и сè повеќе се концентрирани кај економски најмоќните и политички најстабилните држави.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни