Најмалку 94 Палестинци починале во израелски затвори за помалку од две години

Најмалку 94 палестински затвореници и притворени лица починале во израелски притвори во период пократок од две години, соопшти израелската организација за човекови права „Лекари за човекови права – Израел“ (PHRI) во нов извештај.

Организацијата предупредува на „систематски убиства и заташкување“ од страна на израелските власти.

Драматичен пораст на смртни случаи по 7 октомври 2023 година

Извештајот го опфаќа периодот од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година до 31 август 2025 година, при што PHRI наведува дека во претходната деценија биле регистрирани помалку од 30 смртни случаи во израелски притвори.

Од организацијата велат дека израелските власти започнале да ја спроведуваат политика на систематски прекршувања на човековите права над Палестинците што се класифицирани како „безбедносни притвореници“. Илјадници Палестинци од Газа и Западниот Брег биле притворени, често без поднесено обвинение.

Израелската затворска служба (IPS) наводите ги отфрли, тврдејќи дека делува „во согласност со законот“ и под надзор на надлежни институции. Не коментира конкретни бројки или обвинувања.

Смрт поради насилство и медицинска негрижа

Од вкупниот број случаи, PHRI утврдува дека 52 Палестинци починале во воени притвори, а 42 во затвори под надлежност на IPS. Смртните случаи, според извештајот, се последица на физичко насилство, медицинска негрижа или комбинација од двете.

Како особено проблематични се наведуваат политиките на израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, под чија надлежност затворите „де факто се трансформирале во места на тортура и злоупотреба“.

Најмногу смртни случаи во воениот затвор Сде Теиман

Најголем број на починати – 29 – се регистрирани во воениот притворски центар Сде Теиман, во јужен Израел. Во 2024 година петмина резервисти беа обвинети за тешка злоупотреба откако наводно претепале и повредиле палестински притвореник. Тие ги негираат обвиненијата.

Инцидентот ја подели израелската јавност, а некои десничарски групи протестираа пред затворот, дури со скандалозни слогани.

Обвинувања за заташкување и „присилни исчезнувања“

PHRI тврди дека израелските власти се обидуваат да ги прикријат случаите на смрт и злоупотреби, спречувајќи независни истраги и не информирајќи ги семејствата на починатите. Во повеќе случаи, не било дозволено ниту обдукциско вештачење.

Извештајот ја осудува и практиката на „присилно исчезнување“, при што илјадници Палестинци се приведени без да се соопшти каде се држат, што ја оневозможува целосната проценка на размерите на притворската политика.

Организацијата предупредува дека вистинскиот број на починати можеби е уште повисок од документираниот.

Израелските власти ги отфрлаат обвинувањата

IPS соопшти дека описаните случаи „не ја одразуваат нивната работа“, додавајќи дека секоја смрт се истражува според утврдени процедури. Израелската армија тврдеше дека делува врз основа на домашното и меѓународното право, и дека притворот е оправдан во случаи на безбедноска закана.

Армијата призна дека има смртни случаи во притвор, но посочи дека дел од притворените биле со претходни заболувања или повреди, додавајќи дека секој случај се истражува од воената полиција.

Извештајот на PHRI сепак буди сериозна загриженост меѓу меѓународните организации и правните експерти, кои бараат поголема транспарентност и независни истраги за состојбата во израелските притвори.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни