Најмалку 5.000 загинати во Иран: Властите најавуваат продолжување на погубувањата

Иранските власти тврдат дека најмалку 5.000 луѓе загинале во протестите, додека судството најавува можно продолжување на погубувањата под обвинение „војна против Бога“.

Најмалку 5.000 луѓе се убиени за време на масовните протести во Иран, меѓу кои и околу 500 припадници на безбедносните сили, изјави ирански функционер повикувајќи се на, како што рече, „проверени податоци“. Властите за насилството ги обвинија „терористите“ кои, според нив, убивале невини граѓани.

Протестите избувнаа на 28 декември поради тешката економска криза, а за само две недели прераснаа во масовни демонстрации со барања за смена на верските власти. Одговорот на државата беше жестока репресија, што доведе до најкрвавите немири во земјата од Исламската револуција во 1979 година.

Тензии со САД и остри пораки од Техеран

Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати се закани со интервенција доколку Иран продолжи со убивање демонстранти. Во петокот тој им се заблагодари на иранските власти што, според него, откажале планирани погубувања на околу 800 лица.

Само еден ден подоцна, врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи јавно го нарече Трамп „криминалец“ поради поддршката на протестите. Тој призна „неколку илјади смртни случаи“, но одговорноста ја припиша на „терористи и изгредници поврзани со САД и Израел“.

Најава за нови погубувања

Иранското правосудство сигнализираше дека погубувањата би можеле да продолжат, јавува Ројтерс. Портпаролот на судството, Асгар Џахангир, изјави дека низа дејствија се квалификувани како „мохареб“ – исламски правен поим што значи „војна против Бога“, за што иранскиот закон предвидува смртна казна.

Различни бројки за жртвите

Американската организација за човекови права HRANA соопшти дека потврдила 3.308 загинати, додека уште 4.382 случаи се под истрага. Според нив, регистрирани се и повеќе од 24.000 апсења.

Иранските власти, пак, тврдат дека бројот на жртвите е целосно верификуван и повторно ги обвинија САД и Израел за поддршка и вооружување на демонстрантите – обвинување што Техеран редовно го користи за објаснување на немирите.

Сведоштва за брутална репресија

Според жители и државните медиуми, насилната репресија во голема мера ги задуши протестите. Жител на Техеран сведочи дека видел припадници на интервентната полиција како директно пукаат кон демонстранти, претежно млади мажи и жени.

Видео-снимки што кружат на социјалните мрежи, од кои дел се верификувани од Ројтерс, прикажуваат брутални интервенции на безбедносните сили низ целата земја. Најжестоките судири и најголемиот број жртви, според ирански извори, се забележани во курдските области на северозападот на Иран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни