Себастиен Лекорни беше именуван на 9 септември за петти премиер на Франција во рок од помалку од две години.
Тридеветгодишникот, кој последните три години беше министер за вооружени сили на Франција, задолжен за одговор на војната меѓу Русија и Украина, беше единствениот министер кој остана во владата на Макрон од изборите во 2017 година.
„Претседателот на Републиката ми доверил задача да изградиме влада со јасен правец: одбрана на нашата независност и сила, служба на францускиот народ и политичка и институционална стабилност за единство на земјата. Му се заблагодарувам за довербата што ми ја даде со назначувањето за премиер“, напиша тогаш Лекорни на социјалните мрежи.
Именуван по смената на Бајру
Неговото именување дојде по колапсот на француската влада по гласањето за недоверба со кое 74-годишниот Франсоа Бајру беше симнат од функцијата. Бајру распиша гласање во обид да изврши притисок врз пратениците да го поддржат непопуларниот буџетски предлог насочен кон намалување на фискалниот дефицит на Франција. Сменувањето на Бајру беше најновиот политички пресврт за земјата откако Макрон распиша вонредни избори во јуни минатата година во обид да ја зајакне поддршката на политичкиот центар, што резултираше со парламент без мнозинство.
„Искрено сакам да им кажам на нашите сограѓани дека ги разбирам нивните очекувања и дека сум свесен за тешкотиите“, додаде Лекорни во посебна објава. „Работиме со смиреност и ќе направиме сè за да успееме“ – заклучи тогаш.
Кој е Себастиен Лекорни?
Влезе во политика на 19 години, станувајќи најмлад парламентарен асистент во земјата. Имал неколку локални и регионални политички позиции како член на конзервативната партија Републиканци пред да се приклучи на движењето на Макрон во 2017 година, кога беше именуван за државен секретар кај министерот за еколошка и инклузивна транзиција. Од тогаш остана лојален на Макрон, пишува „Тајм“.
Беше клучен во владината реакција за време на движењето „жолти елеци“ – популистички антивладини протести од 2018 до 2020 година, предизвикани од планираните зголемувања на даноците на гориво и растечките животни трошоци. Во тоа време, Лекорни ја надгледуваше „големата дебата“, тримесечен национален дијалог за слушање на жалбите на француската јавност. Исто така, извршуваше функции во француските заморски територии, вклучувајќи го карипското острово Гваделуп од 2020 до 2022 година. Таму ја надгледуваше владината реакција на протести и штрајкови поради КОВИД-19, нудејќи разговори за автономија на територијата во 2021 година.
Лекорни беше именуван за најмлад министер за одбрана на Франција во мај 2022 година, надгледувајќи го военото зајакнување на земјата во светло на руската инвазија на Украина. Во таа улога, го водеше усвојувањето на пакет одбранбени расходи од 413 милијарди евра за периодот 2024-2030. Исто така, беше активен и во локалната политика, вклучително и како советник во својот матичен округ Нормандија.
Но, Лекорни во минатото се соочи со контроверзии откако минатата година ја прими лидерката на крајната десница Марин Ле Пен на тајна вечера на која се разговараше за Украина. Наводно, поранешниот француски премиер Мишел Барние му рекол дека не е доволно присутен на состаноците на Европската Унија за надворешни работи и одбрана во Брисел.