Новите листи за 2026 година ги откриваат десетте најгостољубиви градови и десетте региони во светот, а дури седум од нив се наоѓаат во Европа. Рангирањето е направено врз основа на позитивни оценки од патници, при што во фокусот е ставена љубезноста и топлиот прием од локалното население.
На врвот на глобалната листа на градови се најде Montepulciano во јужна Тоскана, Италија. Овој живописен ридски град е познат по виното Vino Nobile, но и по гостопримството што го нудат неговите жители. Во европскиот дел од листата се издвојува и Harrogate во Англија, препознатлив по своите спа-центри, како и Klaipėda во Литванија, чиј стар град и уметничка атмосфера привлекуваат сè повеќе посетители.
Меѓу најгостољубивите европски региони се најдоа Navarra во Шпанија, Saxony во Германија, Overijssel во Холандија и Epirus во Грција. Овие региони се истакнуваат со комбинација од природни убавини, културно наследство и пријателски однос кон туристите.
На светско ниво, високо место на листата зазема и Magong во Тајван, популарен по кристално чистото море и историските храмови. Меѓу најгостољубивите градови се вбројува и San Martín de los Andes во Аргентина, сместен покрај живописно езеро, како и Fredericksburg во САД, град познат по своето германско наследство. На листата се најдоа и дестинации од Бразил, Намибија, Јапонија и Австралија.
За најгостољубив регион во светот е прогласен Hidalgo во Мексико, познат по импресивните базалтни формации Prismas Basálticos. Веднаш зад него се рангирани Newfoundland and Labrador во Канада, како и региони во САД, Индија, Тајланд и Панама.
Листите се објавени во рамки на наградите Traveller Review Awards 2026 на платформата Booking.com. Рангирањето се темели на уделот на сместувачки капацитети со високи оценки и признанија од гостите, со цел да се истакнат дестинации каде што гостопримството остава траен впечаток.