Најголемото истражување досега: Зошто некои луѓе никогаш немаат сексуални односи?

„Меѓународно истражување на 400.000 луѓе открива дека доживотното девствеништво е поврзано со психолошки, социјални и генетски фактори — вклучувајќи анксиозност, интелигенција и социјална повлеченост.“

Зошто некои луѓе никогаш не стапиле во сексуален однос, дури ни во зрелата возраст? Ова прашање беше центар на најголемата меѓународна студија од ваков тип, објавена во научното списание PNAS, која открива дека доживотното девствеништво е резултат на сложена комбинација од психолошки, социјални и генетски фактори.

„Романтичните и сексуалните врски често претставуваат важна форма на социјална поддршка. Нивното отсуство може да доведе до осаменост, анксиозност, депресија и намалено чувство на благосостојба,“ објаснува коавторката Лаура Веселдијк од Институтот „Макс Планк“ за емпириска естетика во Франкфурт.

Истражувањето опфати податоци од повеќе од 400.000 лица во Велика Британија, на возраст од 39 до 73 години. Приближно 1% од испитаниците изјавиле дека никогаш не имале сексуален однос.

Што им е заедничко на луѓето без сексуално искуство?

Лицата кои никогаш не стапиле во сексуален однос, во просек биле повеќе образовани, но истовремено и поосамени, поанксиозни и помалку среќни во споредба со останатите. Девственоста во подоцнежната возраст почесто се јавувала во подрачја со поголема нееднаквост во приходите.

Кај мажите, телесните карактеристики имале одредена улога: оние без сексуално искуство почесто биле поскромна физичка градба и живееле во региони со помал број жени.

Научниците утврдиле дека околу 15% од разликите може да се објаснат преку генетски фактори. „Најзабележителна е врската со гените кои влијаат на интелигенцијата, образованието и невролошките развојни нарушувања како аутизмот,“ изјавил коавторот Абдел Абделаоуи од Универзитетот во Амстердам.

Дополнително, испитаниците без сексуално искуство поретко консумирале алкохол или дроги, а почесто носеле очила во младоста — што, според истражувачите, укажува на социјално повлечена личност која потешко воспоставува врски.

„Станува збор за луѓе кои се поинтровертни, со намалени социјални интеракции, што ја отежнува можноста за пронаоѓање партнер,“ објаснува Брендан Цитш од Универзитетот во Квинсленд, Австралија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни