Најголемо зголемување досега: Германија ја зголемува минималната плата на 14,60 евра по час

Германската влада усвои рекордно зголемување на минималната плата – на 13,90 евра од јануари и 14,60 евра до 2027 година.

Германската влада на седницата одржана во средата, 29 октомври, го усвои предлогот за најголемо зголемување на минималната плата досега, со вкупен раст од 13,9 проценти од нејзиното воведување пред една деценија.

Според одлуката, сегашната законска минимална сатница од 12,82 евра ќе се зголеми во два чекораод јануари 2026 на 13,90 евра, а до 2027 година на 14,60 евра по час.

Со оваа мерка, германската влада ја следи препораката на Независната комисија за минимална плата.

Од 8,50 до 14,60 евра за една деценија

Минималната плата во Германија беше воведена во 2015 година и изнесуваше 8,50 евра бруто по час. Оттогаш е зголемена десет пати, со што се бележи континуиран раст на приходите на најнископлатените работници.

Комисијата за минимална плата брои девет членови – по тројца претставници од синдикатите и работодавачите, претседател и двајца советодавни експерти од академската заедница. Таа на секои две години поднесува предлог за усогласување на минималната плата, кој владата може, но не мора да усвои.

Овојпат, предлогот бил едногласно одобрен од сите членови на комисијата.

Кој ќе има најголема корист?

Според Германскиот завод за статистика (Destatis), зголемувањето ќе влијае врз околу 6,6 милиони работници, меѓу кои најголем дел се жени и вработени во источна Германија.

Тие што работат со полно работно време за минимална плата ќе добијат околу 190 евра бруто повеќе месечно почнувајќи од јануари.

Политички ставови и расправи

Генералниот секретар на Социјалдемократската партија (SPD), Тим Клисендорф, го поздрави зголемувањето, оценувајќи го како резултат на заедничкиот притисок на синдикатите и социјалдемократите.

SPD долго време инсистира дека минималната плата треба да достигне 15 евра по час до 2026 година, што е наведено и во коалициониот договор меѓу SPD и CDU/CSU.

Сепак, Комисијата за минимална плата ја предупреди владата дека политичкото мешање може да ја наруши нејзината законска независност. Претседателката на комисијата, Кристијане Шенефелд, изјави дека „притисоците врз комисијата се неспоиви со нејзината улога на независен орган“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни