Најголем пад на златото во последните 12 години: инвеститорите масовно го распродаваат благородниот метал

Цената на златото доживеа драматичен пресврт – по неколкумесечен раст, вредноста на овој благороден метал нагло се урна, забележувајќи го најголемиот дневен пад во повеќе од една деценија

Според податоците на CNN, златото изгуби над 5 проценти од својата вредност во само еден ден, што предизвика вистински потрес на светските финансиски пазари.

По вчерашната распродажба, денес цените бележат мало закрепнување – унца злато се тргува по 4.141,48 долари, што претставува раст од само 0,4%. Во вторник, пак, „спот“ цената се сруши на 4.082,03 долари за унца, откако во понеделник достигна рекордни 4.381,21 долари.

Фјучерсите за злато во САД затворија со пад од 5,7 проценти, што е нивниот најголем пад од април 2013 година, додека среброто и платината исто така претрпеа силни удари – со падови од 7% и 5%.

Аналитичарите предупредуваат дека станува збор за „природна корекција“ по неделите на екстремно интензивно купување што ги доведе цените до „прегреано ниво“. Само во последните два месеци, златото поскапе за 25%, поттикнато од растечкиот државен долг на САД, политичката неизвесност и очекувањата за ново намалување на каматните стапки од страна на Федералните резерви.

Сепак, оптимизмот околу новата рунда трговски преговори меѓу САД и Кина, како и засилувањето на доларот, ги охрабрија инвеститорите да ги инкасираат добивките и да се повлечат од „безбедното засолниште“. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува „фер договор со кинескиот лидер Си Џинпинг“, што дополнително ја намали побарувачката за злато.

Според аналитичарите, дополнителен фактор за падот е и завршувањето на фестивалот Дивали во Индија – втората најголема земја потрошувач на злато во светот – што доведе до краткотрајно намалување на физичката побарувачка.

Иако експертите сметаат дека долгорочно златото останува сигурна инвестиција, моменталниот пад се толкува како предупредување за инвеститорите дека ни најстабилните пазари не се имуни на нагли пресврти – дури ни оние позлатени.

Извор: Nezavisen

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни