Бугарија, Грузија и Андора: европски скијачки раеви по пристапни цени

Каде во Европа може да се најде вистински зимски одмор без луксузни цени ? Од бугарските планини до снежните врвови на Кавказ.

Цените на скијањето во Европа се зголемиле за речиси 35 проценти над инфлацијата од 2015 година, покажува истражување спроведено оваа година. Во Италија, цената на ски-пасовите од Доломитите до Апенините сe покачиле за околу 40% во однос на 2021 година — што националните здруженија на потрошувачи го оценија како „неоправдано поскапување“.

Но, иако класичните дестинации како Швајцарија и Италија стануваат се поскапи, евтините европски скијачки бисери се сè уште достапни.

Бугарија е меѓу најисплатливите ски дестинации во Европа, со пристапни цени на билетите и опремата. Во Боровец, сместен во планините Рила, возрасен скијач плаќа околу 52 евра дневно, а попусти има за рани резервации во ноември и декември. Сезонската карта чини 1020 евра, но пензионерите над 75 години можат да скијаат цела сезона за само 54 евра.

Во Банско, лоциран во Националниот парк Пирин, трошоците се тројно пониски во споредба со швајцарските скијалишта. Сезонскиот пас чини околу 869 евра, додека изнајмување опрема (скии, чизми и стапчиња) изнесува околу 20 евра дневно. Приватно сместување се наоѓа за 30 евра по ноќ, а четиризвездени хотели почнуваат од 50 евра. Двата ресорта се достапни со шатл превоз од аеродромот во Софија, што ги прави идеални за патници со ограничен буџет.

Грузија нуди планинска автентичност и снежна сигурност. Ресортите Гудаури и Тетнулди, на надморска височина од 2000 до 3000 метри, нудат еко-скијање без потреба од вештачки снег. Дневен пас чини околу 25 евра, а сезонскиот — само 200 евра за неограничен пристап до сите грузијски скијалишта. Изнајмување комплет опрема чини околу 22 евра дневно.

Како што вели Петр Мајер од школата Vagabond Adventures Ski во Гудаури: „Грузија има дух на авантура што не може да се најде во полираните алпски села.“ По напорен ден, туристите можат да уживаат во традиционални специјалитети како хинкали (полнети тестенини) и хачапури (леб со растопено сирење и путер) — вкусен дел од искуството што ретко се заборава.

Иако Андора одамна е позната скијачка дестинација, успева да ги задржи своите пристапни цени и опуштена атмосфера. Во регионот Валнорд, ресортот Пал-Аринсал нуди 63 километри патеки со дневен пас од околу 52 евра. За почетници и семејства, областа Пал има училишта и благи падини, додека во Ариансал напредните скијачи можат да уживаат на височини над 2500 метри.

Сезонскиот Nord Pass (750 евра) овозможува пристап до сите патеки во Валнорд и Ордино Аркалис, додека Andorra Pass (970 евра) ги вклучува и патеките на Grandvalira — најголемиот ски-комплекс во Пиринеите со 215 километри патеки и висини до 2600 метри. Grandvalira неколкупати е прогласен за Најдобар скијачки ресорт во Андора на World Ski Awards (2015, 2020, 2022, 2023).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни