Градот Хои Ан во Виетнам во последните години станува сè популарна туристичка дестинација, а една од причините за тоа е и фактот што често се споменува како еден од најевтините градови за патување во светот. Според истражувањето „Светски барометар на трошоци за одмор“ на британската пошта, овој град нуди исклучително ниски цени за туристите.
Хои Ан е крајбрежен град покрај Јужното Кинеско Море кој некогаш бил важно трговско пристаниште, а денес е познат по своите плажи, пријатната клима и шармантната стара градска архитектура. Температурите во март достигнуваат околу 28 степени, што го прави идеално место за одмор во текот на пролетта. Неговото старо градско јадро е под заштита на УНЕСКО и привлекува посетители со тесни улички, традиционални куќи и препознатливи шарени фенери.
Градот е познат и по бројните кројачки работилници каде посетителите можат да нарачаат облека изработена по мерка по многу пристапни цени. Покрај тоа, туристите често уживаат во богатата виетнамска кујна, во која се издвојуваат специјалитети како резанци со свинско месо и зеленчук, познатиот сендвич бан ми и традиционални оризови кнедли.
Истражувањето кое го рангираше Хои Ан како една од најевтините дестинации ги споредувало цените на неколку вообичаени туристички трошоци, меѓу кои оброк за две лица, кафе, локално пиво, чаша вино, вода, крема за сончање и средство против инсекти. Резултатите покажале дека цените во овој виетнамски град се значително пониски од многу други популарни туристички места.
На пример, половина литар локално пиво во Хои Ан чини околу 1,38 евра, додека крема за сончање може да се купи за околу 4,4 евра, што дополнително го потврдува угледот на градот како исклучително поволна дестинација за патниците.