Каде се наоѓа најдолгата крајбрежна патека во светот?

Најдолгата крајбрежна патека во светот се наоѓа во Англија и се протега на речиси 4.300 километри покрај морето.

Во Англија се наоѓа најдолгата уредена пешачка патека покрај брегот во светот. Кралската крајбрежна патека на Чарлс се протега на речиси 4.300 километри и нуди различни пејзажи, од песочни плажи и дини до солени мочуришта, карпи и мали крајбрежни гратчиња.

Еден ден може да се пешачи покрај песочни плажи и дини, следниот низ солени мочуришта, а потоа покрај високи карпи и низ крајбрежни гратчиња што изгледаат како од разгледница. Меѓу највпечатливите делови се издвојува Seven Sisters во Источен Сасекс, каде ридовите стрмно се спуштаат кон морето.

Проектот почнал уште во времето на владата на Гордон Браун, а биле потребни 18 години за да оживее. Иако голем дел од трасата веќе постоел, биле изградени повеќе од 1.600 километри нови патеки, а старите биле обновени, проширени и прилагодени за пешачење.

На многу места за јавноста биле отворени простори што со децении биле недостапни, меѓу нив плажи, дини и врвови на карпи. Во моментов се отворени околу 80 отсто од рутата, а остатокот треба да биде довршен наскоро. На некои делови сепак има отстапувања од патот: на северозападот на Англија, на пример, треба да се мине реката Мерси со траект, додека во Јужен Девон пешаците мора да ја преминат реката во точно одреден момент на осека, бидејќи таму нема мост ниту превоз.

Поради климатските промени и сè почестата ерозија на брегот, патеката е замислена така што делови од неа може да се поместуваат кон внатрешноста. Тоа значи дека рутата ќе се менува заедно со пејзажот, а идејата е да остане проодна и во иднина. Патеката веќе се поврзува со рутата што го обиколува Велс, а во иднина потенцијално и со проодните делови од шкотскиот брег. Теоретски, тоа би значело можност еден ден да се пешачи околу цел остров на Велика Британија, на повеќе од 14.000 километри покрај море.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни