Најдоброто од Киненова повторно на големото платно во Кинотеката

Специјална програма со наградени и бараните репризи од фестивалот Киненова почнува вечерва (21 јануари) во Кинотеката на Македонија

Вечерва, 21 јануари, во Кинотека на Македонија започнува специјалната филмска програма „Најдоброто од Киненова“, која носи концентриран избор од највисоко оценетите и најбараните филмови прикажани на минатите изданија на МФФ Киненова.

Програмата вклучува два филма добитници на Гран при, прв долгометражен филм на добитник од последното издание на Берлинале, дела од автори кои ја одбележаа современата европска и светска кинематографија, како и провокативни филмови кои отвораат актуелни политички и општествени прашања. Дел од селекцијата се и наслови за кои публиката изрази силен интерес и побара репризни прикажувања.

Почит кон Владимир Самоиловски и македонската кинематографија

Од 18:00 часот, програмата започнува со македонскиот филм Исчезнатиот на Арбен Тачи, прикажан во чест на истакнатиот кинематографер Владимир Самоиловски, лауреат на 10. издание на Киненова. Проекцијата е омаж на неговиот професионален и креативен придонес во македонскиот филм.

Филм за бегалската траума и административната суровост

Од 20:00 часот, на репертоарот е српскиот филм Помеѓу боговите на Младен Ршумовиќ, награден на Киненова со признанијата за најдобро сценарио и најдобра режија.

Филмот раскажува длабоко човечка и вознемирувачка приказна инспирирана од траумите на големите бегалски бранови долж балканската рута, со Белград како клучна попатна станица. Во центарот е судбината на жена која го губи својот брат за време на патот, а нејзината лична драма се судира со безличниот и суров административен систем. Прашањето што се отвора не е само дали семејството ќе продолжи кон подобар живот, туку и дали ќе успее да се извлече од лавиринтот на институционална заробеност.

Филмот се издвојува по својот стил, кој потсетува на најдобрите остварувања на иранската филмска школа, како и по актерската екипа составена од авганистански, ирански и балкански актери. Меѓу главните улоги е и Никола Ристановски, кој впечатливо зборува на фарси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни