Од 21 до 24 јануари, во Кинотека на Македонија ќе се одржи специјална програма под наслов „Најдоброто од Киненова“, во рамки на која публиката ќе има можност да погледне избрани и наградувани филмови од МФФ Киненова. Програмата носи свежи авторски перспективи и современи филмски јазици, со фокус на културни, општествени и политички прашања што го обликуваат светот денес.
Во ова зимско издание се вклучени филмови кои биле наградени или забележани на Киненова, меѓу кои „Помеѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ, „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ, „Паноптикон“ на Ѓорѓи Сикарулиѕе, како и низа други значајни остварувања од европската и светската кинематографија. Дел од програмата се и филмови од автори кои годинава беа директно поврзани со фестивалот – норвешкиот режисер Даг Јохан Хаугеруд, гостин на Киненова, и Срдан Голубовиќ, член на жирито на јубилејното издание.
На 23 јануари публиката ќе може да го погледне потресниот филм „Татко“ на Срдан Голубовиќ, како и документарното остварување „Изгубениот сон на југословенскиот дрим тим“, кое се навраќа на легендарната кошаркарска репрезентација и моментите кога спортот и историјата драматично се судриле. Завршницата, на 24 јануари, ги носи филмовите „Среќен“ на Сандеп Кумар – интимна мигрантска приказна за татковство и опстанок – и „Паноптикон“, наградуван филм што преку приказна за млад човек во постсоветска Грузија ги истражува идентитетот, верата и репресијата.
Со оваа програма, Кинотеката и Киненова нудат концентриран преглед на најзначајните филмски гласови од фестивалот – филмови што не се само уметнички релевантни, туку и длабоко вклучени во реалноста што ја живееме.