Кога станува збор за филмската уметност, ретко кој би помислил дека науката може да одреди кој е најдобриот актер на сите времиња. Сепак, едно истражување се обидело токму тоа да го направи – со анализа на податоци од филмската индустрија.
Авторот на истражувањето, Даниел Парис, ги комбинирал онлајн оценките на филмовите, заработката на благајните и резултатите од Оскарите за да дојде до пообјективна слика за актерските достигнувања.
Во анализата биле вклучени податоци од популарни филмски платформи како IMDb, Rotten Tomatoes и Letterboxd, како и комерцијалниот успех на филмовите и наградите што ги освоиле.
По споредувањето на сите овие параметри, резултатите покажале дека тројца актери ја делат титулата за најдобри на сите времиња.
Меѓу нив е Леонардо ДиКаприо, кој има високи оценки на филмските платформи и игра во некои од најуспешните филмови во модерната кинематографија, како „Titanic“, „Inception“ и „The Wolf of Wall Street“. Иако долго време беше без Оскар, на крајот ја освои наградата за улогата во филмот „The Revenant“.
Вториот актер на листата е легендарниот Пол Њуман, познат по филмовите „Butch Cassidy and the Sundance Kid“, „The Sting“ и „The Verdict“. Покрај актерската кариера, неговиот глас се појавува и во анимираната франшиза „Cars“.
Третото име што го издвојува истражувањето е Ал Пачино, актер кој одигра некои од најиконичните улоги во историјата на филмот. Неговите настапи во филмовите „The Godfather“, „Scarface“ и „Heat“ го направија еден од најпрепознатливите актери на Холивуд.
Иако листата главно ја предводат мажи, истражувањето покажува дека до врвот биле многу блиску и други познати актери, меѓу кои Мерил Стрип, Ема Томпсон, Роберт Дауни Џуниор и Марлон Брандо.
Сепак, авторите на анализата признаваат дека ваквите пресметки имаат свои ограничувања. Уметноста на глумата е тешко да се сведе на бројки, а најсилните актерски изведби често се оние што најмногу емоционално ги допираат гледачите.